Над 1.600 лица извршиле превентивен преглед со ФОБ тест од почетокот на годинава во рамки на превентивниот скрининг за карцином на дебелото црево, кој го спроведува Министерството за здравство. Од извршените прегледи, кај 938 лица е утврдена потреба од дополнителни испитувања, при што кај седум лица е добиен позитивен наод за карцином на дебело црево (колоректален карцином).
Превентивниот скрининг за карцином на дебело црево, соопшти Министерството за здравство, се препорачува кај лица на возраст од над 50 години, а ФОБ тестовите се достапни кај секој матичен доктор и се бесплатни. Со Програмата за превентивен скрининг досега се опфатени лица од 50 до 74 годишна возраст, кои матичните лекари ги советуваат за потребата од проверка на здравствената состојба со ваков тест.
Колоректалниот карцином е едно од најчестите малигни заболувања кое се јавува со инциденца од 15 до 30 нови случаи на 100.000 жители годишно. Ризикот од појава на заболувањето зависи од повеќе фактори како што се: возраста, начинот на исхрана, физичката активност, личните и семејните предиспозиции, и ризикот се движи од 5 отсто кај пациентите со просечен ризик до повеќе од 95 отсто кај пациентите со одреден наследен синдром. Токму затоа, кај лица над 50. годишна возраст се препорачуваат вакви скрининзи, имајќи предвид дека кај повеќе од 90 проценти од пациентите колоректален карцином се развива како резултат на претходни полипи, а детекцијатата на болеста во раната фаза овозможува продолжување на животниот век и подобрување на квалитетот на живот кај повеќе од 90 проценти од пациентите.
Министерството за здравство изминатиот месец спроведе истражување за степенот на информираност на пациентите за превентивните прегледи за колоректален карцином. Резултатите од истражувањето покажаа дека 46,6 oтсто од испитаниците се запознаени со кампањата на Министерството за здравство за зголемување на свесноста за рано откривање карцином на дебелото црево, која го опфаќа и превентивниот скрининг. Инаку, околу 60 отсто од испитаниците преку медиумите (печатени, електронски медиуми) се информирале за овој бесплатен скрининг. Од испитаниците кои извршиле превентивен скрининг, 84 отсто се изјасниле дека се задоволни од односот на медицинскиот персонал кој ги прегледувал.
Од Министерството за здравство ги потсетуваат граѓаните кои спаѓаат во ризична возрасна група за појава на ова заболување, да се јават кај своите матични доктори за превентивен преглед, со цел да го заштитат и сочуваат своето здравје.