Фестивалот „Охридско лето“ денеска ни го носи авторот на музиката на некои од најзначајните Вестерн филмови – Луис Бакалов. Љубителите на филмот овој извонреден композитор го препознаваат по филмовите „Џанго“, „Јавач на бурата“, „Цената на моќта“, „Убиј го Бил“ и многу други популарни остварувања на полето на филмската уметност. Во неговата импресивна биографија се впишуваат и номинациите за наградата „Academy Award“ за оригинална партитура – во 1967 година за филмот „The Gospel According to St. Matthew“, и во 1996 година, кога и ја добива наградата за филмот „Il Postino“. Соработувал со голем број значајни режисери. Иако во светот е познат, пред сè, по својата композиторска дејност, Бакалов се истакнува и како пијанист.
„Уште еден ексклузивен уметник на Охридско Лето, оскаровецот Луис Бакалов кој ќе настапува заедно со извонредните пијанисти од Италија, Марко Чампи и Алберто Пицо, кој ќе ја надополни низата на светски пијанисти кои годинава, на ова јубилејно изданије, ја збогатија фестивалската програма. Во прекрасната црква Св. Софија фестивалската публика ќе има ретка можност да ужива во музицирањето на тројца врвни пијанисти на две пијана“ – изјави Гордана Јосифова Неделковска.
Тој ќе настапи заедно со уште двајца исклучителни пијанисти – Марко Чампи и Алберто Пицо. Марко Чампи за својата изведувачка дејност добитник е на многубројни награди на повеќе од 30 национални и меѓународни натпревари по пијано. Настапувал како солист во некои од најпрестижните сали во светот, секогаш предизвикувајќи воодушевување кај светската публика и критика. Алберто Пицо остварува значајни успеси на повеќе национални и интернационални натпревари. Во 2011 година се сели во Њујорк, каде целосно се ориентира кон џез музиката. Свири во некои од најпознатите џез клубови таму, а издава и неколку компакт дискови. Концертот ќе се одржи во црквата „Св. Софија“, а на програмата се дела од Дебиси, Равел, Пјацола, Скарлати, Мориконе, Гулда, Џакомо, како и дела од самите изведувачи. Почетокот е во 21 часот.