Стојаноски: Охриѓани и сите граѓани на Македонија бараат промени на овој лажен популизам на ВМРО-ДПМНЕ

ОО на СДСМ Охрид денес одржа прес-конференција, на која говореше координаторот на советничката група на СДСМ Охрид проф. д-р Јован Стојаноски.

„ВМРО-ДПМНЕ со години ја манипулира охридската и македонска јавност за низа лажни и неостварени ветувања, проекти кои секогаш се наведени дека ќе се реализираат во иднина, а никогаш ниту се реализирале ниту се отпочнало со нивно остварување.

Еден од многуте нереализирани проекти е Откупно-дистрибутивниот центар со ладилник во село Лакочереј, предизборно ветување од 2013 година, наведен и во програмата на актуелниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Бакрачески.

Откупно-дистрибутивниот центар требаше да биде реализиран до 2014 година, со средства од општинскиот буџет или преку јавно приватно партнерство.

За жал, општинската власт на ВМРО-ДПМНЕ иако вети не презеде ништо да им помогне на граѓаните и земјоделците коишто секојдневно и макотрпно работат а не можат достоинствено да заработат.“– рече Стојаноски и уште додаде:

„Дополнително, не само што власта ги остави земјоделците сами на себе, без никаква помош во откупот и пласманот на нивните производи, туку сѐ уште им ги нема исплатено ниту парите од ланскиот откуп на јаболката.

Граѓаните и земјоделците воопшто и не можат да очекуваат реализација на важен инвестиционен проект, од оние коишто половина година не се способни две улици да асфалтираат во нашиот град, Охрид.

Охриѓани и сите граѓани на Македонија бараат промени на овој лажен популизам на ВМРО-ДПМНЕ кој не ги решава проблемите туку ги продлабочува.

На Македонија и се неопходни промени на тотално промашената и неефективна политика во земјоделието и тие промени ќе се случат по април 2016 година.“– заврши Стојаноски.