Француска вечер на Охридско лето

Уште еден концерт со врвен квалитет и реномирани уметници на Охридско Лето. Вечерва на програмата на фестивалот, ќе се одржи традициолниот концерт наречен „Француска вечер на Охридско Лето“.

На овој концерт ќе настапат едни од најистакнатите и најеминентни уметници од Франција, брилијантниот кларинетист Мишел Летјек и гудачкиот Квартет Жирард. „Фестивалот Охридско Лето продолжува со реализирање на овогодинешната квалитетна, ексклузивна и атрактивна програма.

„Ми претставува особено задоволство што Охридско лето и во ова 55то издание ја продолжува и традицијата за соработка со Француската амбасада и Францускиот културен центaр од Скопје, како и Сосиете Женерал Груп – Охридска Банка, со чија поддршка по 8 пат се реализира Француска вечер на фестивалот. Концертите во рамките на „Француска вечер“ на секое фестивалско издание е посебно интересен настан каде сегогаш учество земаат врвни уметници од Франција. Фестивалската публика сеуште се сеќава на настапите на извонредниот виртуоз на хармоника Ришар Галијано и Тангарија квартет, како и на незаборавниот настап на двајцата исклучителни пијанисти Уго Леклер и Елен Котино-Коен, камерниот оркестар од Тулуз и др. Оваа година ни гостува уште еден ексклузивен уметник. Светски познатиот кларинетист, Мишел Летјек кој ќе настапува заедно со Квартет Жирард.“ изјави музичкиот селектор на Охридско Лето, Гордана Јосифова Неделковска.

На програмата оваа вечер се дела од најпознатите композитори Ј. Хајдн, В. А. Моцарт и Ј. Брамс. Концертот е во црквата „Света Софија“ со почеток од 21 часот.