Денес, по повод Денот на АРМ пред зградата на МО и ГШ на АРМ се организира свечен собир на вработените во МО и ГШ на АРМ. На свеченоста присуствуваа: министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, директорот на ГШ на АРМ генерал-мајор Димче Петровски и останати припадници на МО и ГШ на АРМ.
„Армијата на Република Македонија со особена чест и гордост го прославува 23 роденден на Армијата“ истакна во својот говор НГШ на АРМ, нагласувајќи дека „АРМ мора секогаш да биде подготвена да го одбрани новото Сонце на слободата на независна и суверена Македонија“.
Генералот Котески во својот говор даде осврт на активностите кои го одбележаа периодот помеѓу двата празника. Како најзначајни, тој ги наведе: постигнувањето на поголема оперативна способност на армијата, успешното извршување на задачите во меѓународните мисии, започнување со реализација на Концептот на резервни сили како и активно давање на помош на населението и граѓаните кои беа погодени од природни непогоди.
НГШ на АРМ на крајот ги изложи и врвните приоритети кон кои треба заеднички да бидеме насочени, а тоа се: модернизација на АРМ, како императив за нејзината борбена готовност, децентрализација на финансиските средства од Армијата кон потчинетите команди и единици и преземање на мерки за подобрување на животниот стандард на припадниците на АРМ во сите сфери.
За време на свеченото постројување беше одадена почит на загинатите бранители од конфликтот во 2001 година, по чиј повод пред спомен обележјето на загинатите бранители од 2001 година пред платото на МО/ГШ на АРМ, делегации предводени од министерот за одбрана на Република Македонија, началникот на Генералштабот на АРМ и претставници од семејствата на загинатите бранители од конфликтот во 2001 година положија свежо цвеќе.
На денешната свеченост беа прочитани наредби за унапредување и беа врачени плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на ГШ на АРМ и МО на Република Македонија.