Запленети брашно, цигари, лепило, очила и мобилни телефони

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија неколку обиди за криумчарење, при што привремено се задржани цигари, брашно, лепило, очила со диоптер и мобилни телефони.

Задржана е следната стока:

Брашно

– 300 килограми брашно (30 вреќи од 10 килограми), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на српски автобус, што сообраќал кон Република Грција, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавеното брашно, сопственост на возачот, е пронајдено во просторот за тоалет на автобусот.

Стоката е привремено задржана, а против прекршителот ќе биде поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Македонија.

Цигари

– 25 штеки цигари, марка BENSTONSlims, YORK и 57 Blue 100s, со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на патните торби на бугарска државјанка, која како патник во бугарски автомобил, се пријавила за излез од државата на граничниот премин Деве Баир.

Цигарите се привремено задржани а против прекршителот е поднесеноБарање за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Македонија.

Лепило

– 47,3 кгр. (43 пакувања) лепило за камен, откриени при контрола на разна стока со потекло од Турција, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Струмица. При извршениот физички преглед, во товарниот дел на македонски камион, натоварен со разна стока наменета за фирма увозник од Кочани, царинските службенице открија 92,4 килограми лепило, додека во приложените царински документи увозникот пријавил само 45,02 килограми. Непријавената стока е привремено задржана а против правното лице и неговото одговорно лице ќе биде поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Македонија.

Очила

– 590 пара очила со диоптрија, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Свети Наум – Охрид. Очилата, за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки, се пронајдени во кутија, сместена во багажникот на возилото.

Стоката е привремено задржана, а против прекршителот ќе биде поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Македонија.

Мобилни телефони

– 3 мобилни телефони маркаSamsungGalaxy, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на српски државјанин, кој допатувал со лет од Цирих.

Мобилните телефони се привремено задржани а против сторителот е поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Македонија.