Рускиот Паганини – Маестро Федотов на Охридско Лето

Утре „Охридско лето“ најавува спектакуларен концерт на едно од најатрактивните дуа во светот – виолинистот Максим Федотов и пијанистката Галина Петрова. Овие врвни уметници се веќе познати на фестивалската публика која го памети нивниот настап во 2001 година кога ја добија и наградата за најдобар концерт на Охридско Лето за тоа издание и ја доделуваше весникот „Нова Македонија“. Ги нарекуваат „еден од најхармоничните ансамбли во светот“, „најдобриот Московски дует“, „Брилијантни руски виртуози“ итн.

Секој настап на рускиот виолинист Максим Федотов е проследен со овации од публиката и воодушевување од критичарите, кои го нарекуваат „рускиот Паганини“. Пијанистката Галина Петрова е, велат, „изведувач со врвно пијанистичко мајсторство, во комбинација со прекрасна музичка интелектуалност и уметнички шарм“. И двајцата се постојано активни на музичките сцени во светот, постигнувајќи огромни успеси. Федотов и Петрова често настапуваат заедно, а нивната одлична соработка ги носи на некои од најпрестижните сцени во светот. Оваа годинапосле долги години повторно се враќаат ма фестивалот, со исклучително тешка и атрактивна програма на која се дела од Џ. Тартини, С. Прокофјев, П.И. Чајковски, Н.Р. Корсаков и А. Бородин.

Фестивалот „Охридско лето“, ни овозможува незаборавно доживување со овие двајца исклучителни уметници, кое со сигурност долго ќе остане во сеќавањата на публиката. Концертот ќе се одржи во црквата „Св. Софија“, со почеток во 21 часот.

Максим Федотов е руски виолинист и диригент. Се школувал на Московскиот конзерваториум кај видни професори (Борис Сергеев, Игор Безродни, Владислав Чернушенко). Во текот на својата ариера настапувал на некои од најпрестижните сцени во Русија, Англија, Германија, Финска, Австрија, Шпанија, Јапонија, Италија и др. Исто така, соработувал со некои од најреномираните оркестри и уметници во Русија, но и надвор од неа. Добитник е на повеќе национални и интернационални награди. Паралелно со неговата концертна активност се одвива и диригентската. Од 2003 до 2005 година бил шеф-диригент на Рускиот симфониски оркестар, а од 2006 до 2010 се наоѓа на местото уметнички директор и шеф диригент ма Московскиот симфониски оркестар.

Пијанистката Галина Петрова своето образование го стекнува на Московскиот државен конзерваториум, под менторство на Аида Исакова, Виктор Мержанов и др. Редовен гостин е на најпрестижните руски фестивали и културни настани, меѓу кои и „Ѕвездите на Москва“, „Руска зима“, „Таленти на Русија“. Покрај тоа настапувала и на многу интернационални фестивали, како што се оние во Чикаго, Загреб, Сплит, Соренто, Неапол, Мелбурн и др. Во земјите каде што настапува Петрова, многу често одржува и мајсторски школи. Веќе неколку години активно настапува заедно со Максим Федотов.