Признание за Јосифова-Неделковска за ширење на француската култура во Македонија

Синоќа во црквата Света Софија во рамките на традициолната „Француска вечер на Охридско Лето“ музичкиот селектор на фестивалот Гордана Јосифова Неделковска од француската амбасадорка во Македонија, нејзината екселенција Лоренс Оер доби високо престижно француско одликување, ВИТЕЗ во редот за уметностите и книжевноста.

Оваа награда се доделува од Министерката за култура и комуникација во Франција, Флер Пелерин за ширење на француската култура во Македонија.

„Охридско лето и во ова 55то издание ја продолжува соработка со Француската амбасада и Францускиот културен центaр од Скопје, како и Охридска банка АД Скопје – Societe Generale Group, со чија поддршка во рамките на „Француска вечер“ се организира концерт како посебно уживање за публиката со врвните уметници од Франција. Годинава посебно е значајна затоа што селекторката Гордана Јосифова Неделковска ја прими оваа престижна награда која ја потврдува нашата заложба да се поромовира Француската култура во Македонија“, вели директорката на Охридско лето, Елизабета Јанкуловска.

Селекторката Јосифова Неделковска вели дека е многу задоволна што годинава по осми пат се органзира Француската вечер во рамки на програмата на „ Охридско лето“ како и од соработката со Француската амбасада, Францускиот инстиут во Скопје и Охридска банка АД Скопје – Societe Generale Group.

„Сите изминати години откако сум на оваа позиција работев со врвни имиња од светската музичка сцена и тоа ми беше огромноо задоволство, но вечерва сум почестена и привилегирана со едно вакво признание за моите заложби.“, рече селекторката Јосифова Неделковска по добивањето на признанието.

Инаку синоќа брилијантниот кларинетист Мишел Летјек и гудачкиот Квартет Жирард приредија ноќ за паметење во црквата „Света Софија“.