Света Нона
Мајката на Св. Григориј Богослов. Како христијанка имаше силна и чудотворна молитва. Така со својата молитва кон Бога таа го обрати својот маж од незнабожечката глупост во христијанската вера. Нејзиниот маж Григориј подоцна беше епископ во градот Назијанз. Света Нона своевремено со молитва го спаси и нејзиниот син Св. Григориј Богослов од бура. Се престави мирно како ѓакониса во 374 година.
Светиот маченик Евсигниј
Беше војник кај царот Максимијан, кај царот Константин Велики и кај неговите синови. Присуствуваше на мачењето на Светиот маченик Василиск (22 мај) кога виде множество од ангели и Самиот Господ Исус како од ангелите ја прима душата на овој Свет маченик. Војуваше за царот Константин и го виде крстот што му се јави на царот. Откако ислужи во војска цели шеесет години, за време на царувањето на Константиновите синови се повлече од воената служба и се насели во Антиохија, којашто му беше роден град. Овде животот го минуваше богоугодно, во пост, молитва и добри дела. Во времето на Јулијан Отстапник двајца скарани луѓе на улица го зедоа него за судија. Тој му пресуди правда на правиот, заради што кривиот се налути, отиде кај царот и го обвини Евсигниј како христијанин. Царот го повика на суд, но тој го изобличи царот за страшното отстапништво од верата и го укори со светлиот пример на великиот Константин. Огорчен, Јулијан нареди и му ја отсекоа главата. Свети Евсигниј пострада и се пресели во Небесното Царство во длабока старост, во 362 година.