Стефановски: За Одисеј прибежиште е Итака, но за мене е Канео

Трите драмски дела „Одисеја“ „Огнени јазици“ и „Фигурае Венерис Хисториае“ од драмскиот писател Горан Стефановски собрани во една книга беа промовирани синоќа во Куќата на Уранија во Охрид, во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски, најави дека годинешното јубилејно 55-то издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде затвореное вечерва, токму со последната драма на Стефановски, „Фигурае Венерис Хисториае“.

„Ова е навистина исклучителен миг затоа што немаме можност Горан да го видиме постојано во Македонија. Се работи за исклучително дело“, рече Јолевски.

Беседејќи за авторот Горан Стефановски и за неговите три последни драмски дела, академик Катица Ќулавкова рече дека сите три театарски пиеси се напишани по порачка на некој театар, театарот „Улисес“ од Загреб, Драмски театар од Скопје и Словенското народно гледалиште од Љубљана.

„Сите три пиеси се зачнати од некој повод со културно-историска важност и сите следствено се обележани со таа есенцијална потреба да се прочита некое балканско дело и европско културно-историско собитие“, рече Ќулавкова.

Според неа, Горан Стефановски нуди едно автентично читање на европскиот цивилизациски код, кој како што рече, ако е за право, е далеку од идеалниот.

„Горан С. Со извесен славјаномакедонски вознес, на принципот војна му го спротивставува принципот љубов и се надева на преображение. Демистифицирајќи ја суштината на војната, Горан С.ги преточува жестоко персонификациите на военото зло и деформациите кои без исклучок се појавуваат во услови на безредие и насилство“, дополни Ќулавкова.

Драмскиот писател Горан Стефановски на синоќешната промоција презентираше слајдови од процесот на создавање на неговите драми.

„Јас одам по разни мориња и океани ама имам некаков долг синџир што ми е врзан околу Канео. Тоа воопшто не фраза.Често се случува некој грубо да ни влезе во домот и да ни каже дека тој е негов исто колку што е и наш или повеќе негов отколку наш и тука може да дојде до сериозни конфликти. Сме имале дом, упорно се трудиме да го поправиме и сочуваме, убедени сме дека имаме природно право на него. За некого прибежиште е детството, за некого првата младешка љубов, а за некого родниот крај. За Одисеј тоа прибежиште е Итака,но за мене е Канео“, рече Стефановски.

На трите последни драмски текстови од Стефановски се осврна и Цветан Враживирски од издавачката куќа „Табернакул“ која ја издаде неговата последна книга со трите драмски дела.