Свечено примопредавање на должност Командант на Здружената Оперативна Команда

Денес, пред Здружената Оперативна Команда (ЗОК), во касарната „ Боро Менков“ во Куманово се реализира воена свеченост по повод прием на должноста командант на ЗОК од страна на бригаден генерал Васко Ѓурчиновски.

На свеченоста присуствуваа: министерот за одбрана на Република Македонија г-дин Зоран Јолевски, началникот на генералштабот на АРМ и досегашен командант на ЗОК генерал потполковник Методија Величковски, останатите генерали од ГШ на АРМ, команданти на потчинетите единици на ГШ на АРМ и команданти на потчинетите единици на ЗОК.

На свеченоста согласно Правилото за воен протокол пред стројот на припадниците на ЗОК со пригодни говори се обратија: министерот за одбрана, началникот на ГШ на АРМ и новопоставениот командант на ЗОК.

Министерот за одбрана на РМ во својот говор потенцира дека должноста Командант на ЗОК е предизвик за секој воен лидер од кариера кое се огледа во фактот што претходниот, а и сегашниот началник на ГШ на АРМ, дојдоа на оваа должност.

Во своето обраќање генералот Величковски се заблагодари на припадниците на ЗОК за поддршката и несебичниот ангажман во времето додека тој ја извршуваше должноста командант на ЗОК, а на новопоставениот командант му посака успешно обавување на должноста.

Новопоставениот командант на ЗОК бригаден генерал Ѓурчиновски и порача на припадниците на ЗОК дека во понатамошниот период очекува со креативност и пожртвуваност да се оправда довербата која ЗОК и АРМ ја уживаат кај граѓаните на Република Македонија.

Воедно се заблагодари на генералот Величковски за резултатите кои ги постигнуваше ЗОК во досегашниот период и вети дека здружената оперативна команда ќе продолжи да постигнува резултати со кои ќе се гордеат сите.

На крајот со церемонија на примопредавање на военото знаме на ЗОК се изврши и официјално прием на должноста, командант на Здружената оперативна команда.

Согласно Указите за поставување на Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на вооружените сили, гдин Ѓорѓе Иванов, за командант на ЗОК е поставен бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, а досегашниот командант генерал потполковник Методија Величковски е поставен и ја извршува должноста, началник на ГШ на АРМ.