Претседателот Иванов се сретна со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари работна средба со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, во рамки на Амбасадорскиот совет што се одржува во Министерството за надворешни работи.

На средбата беа разменети мислења за работата и активноста на македонската дипломатија, приоритетите поврзани со интеграцијата на земјата во Европската унија и НАТО, добрососедските односи, регионалната соработка, ангажманот на мултилатерален план, економската и јавната дипломатија.

„Наша заедничка задача е да продолжиме со несмалено темпо да работиме на евро-атлантската агенда на Република Македонија”, рече претседателот Иванов.

Во фокусот на средбата со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство беа приоритетите на македонската дипломатија до Самитот на НАТО во Варшава во 2016 година, при што претседателот Иванов даде насоки и идеи како да се помести статус-кво состојбата во поглед на интеграцијата на Република Македонија.

„Очигледната стагнација во однос на едно важно прашање може и треба да се увиди и констатира од наша страна, но не смее никако да не натера да ја прифатиме како наша постојана реалност, и особено не како наша иднина”, рече претседателот Иванов на средбата.

„Македонија се соочува со закани што бара развој на сосема поинаков систем за информирање на сите надлежни субјекти вклучени во сферата на безбедноста”.

„Специјалната војна на Исламската држава и водењето на пропаганда во остварување на нивните интереси бара соодветен одговор содржан во еден таков систем за информирање”, додаде македонскиот претседател.

Претседателот Иванов се осврна и на актуелната мигрантска криза, oсобено на безбедносните, економските и хуманитарните аспекти и нагласи дека на сето тоа мора да се пристапи со сериозна анализа, со цел да се преземат соодветни чекори. Претседателот Иванов рече дека мигрантската криза не може да се реши со бирократски средства, туку дека е потребна сериозна акција и организиран европски одговор за нејзино дневно управување.

„Кризата покажа дека Македонија е на главниот европски коридор кон Блискиот Исток и Северна Африка, иако, за жал, земјата сеуште не е членка на ЕУ. За дипломатијата ќе биде клучно интензивно да информираат за мигрантската криза во земјите кадешто се акредитирани и да овозможат дневна координација меѓу безбедносните, разузнавачките и хуманитарните институции на Република Македонија, на Европската унија и земјите-членки”, рече претседателот Иванов.

Тој од шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва побара проактивност, изнаоѓање нови начини за промоција на Република Македонија, за зајакнување на постоечките и создавање нови пријателства. Претседателот Иванов побара зајакнување на кадровскиот и финансискиот капацитет на дипломатијата.

Клучна улога имаат амбасадорите во непосредното соседство, од кои очекува удвојување на активностите за соработка.

„Во регионот мора меѓусебно максимално да соработуваме во сите сфери од заеднички интерес. На сите регионални собири инсистирам дека дојде време кога декларативноста во регионалните односи мора да ја испратиме во историјата. Неопходна е нова етапа со нови потреби за конкретни проекти во регионалната соработка”.

Тој од шефовите на ДКП-а во странство побара поинтензивен ангажман во однос на јавната дипломатија и афирмацијата на македонските позиции во разни области.

„Не можам да бидам задоволен од активноста на македонската дипломатија во сферата на јавната дипломатија”, и ја посочи како пример пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 5 декември 2011 година, која не смее да биде ставена на страна, заборавена, минимизирана. „Пресудата на Меѓународниот суд на правдата е еден од најголемите македонски дипломатски успеси, која има свое влијание и во процесот што се води во Обединетите нации и е потврда за исправноста на македонските позиции”.

На средбата беа разменети мислења околу потребата за обединување на дијаспората и надминување на проблемите со кои се соочуваат, за што побара поголема заложба од шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва.