Заев: Чесен политичар не се плаши од една изборна единица

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес во изјава за медиумите истакна:

„Денеска дел од раководството на СДСМ, на чело со мене како претседател, сме во источниот дел на Македонија. Наутро состаноци во Берово, сега сме во Пехчево, после тоа продолжуваме во Делчево. Но, по прошетката овде во пазарот, заедно со пензионерите, заедно со младите луѓе. Ни пати источна Македонија поради огромната миграција, младите заминале надвор од државата. Еве поминале летните периоди, еве веќе се враќаат назад и останува пустошот на младоста, токму во источна Македонија. Тоа е една голема болка и на тие што заминуваат и на тие што остануваат. Има огромни рефлекси врз секојдневниот живот, пред сé, врз квалитетот на економскиот живот на граѓаните.

Пораката е унисона од сите граѓани: тоа мора да го спречиме. Мора да отвораме квалитетни работни места, не само работни места, туку квалитетни, со коишто младите луѓе ќе останат овде, овде ќе создадат семејства, а повозрасните, како што е традицијата, да се радуваат и на деца и на внучиња околу нив. Овој процес мора итно да биде спречен, а секако во функција на популизмот на власта, којшто сиве овие години, навидум, ќе мислите дека повеќе нема невработени луѓе во Македонија, напротив, огромен процент од оние што заминуваат се невработени луѓе и не гледаат шанса за иднина во државата.

Согласно тоа, разговараме со граѓаните, ги нудиме нашите решенија, согласно коишто мислиме дека мораат граѓаните да се изборат заедно со сите, и политичарите, да го изградиме тоа единство коешто ни е изгубено во државата, по секој можен основ, за да, генерално, креираме квалитетен живот за сите, пред сé, за младите генерации.

Дозволете, исто така, да дадам и коментар на актуелните прашања околу она што се разговара, што се преговара на работните групи. Она коешто, секако јавноста е преоптеретана и треба да биде преоптеретена заради тоа што, согласно овие разговори, ќе се дефинираат идните правци, согласно коишто ќе се движи нашата Македонија. Актуелно е прашањето околу промената на изборните модели.

Нашиот став на гласање со една изборна единица е во функција на граѓаните, демократијата и државата. Големите политички партии ќе изгугат од тоа, но нека изгубат големите политички партии, добива Македонија, добиваат граѓаните, парламентарната демократија и реално, преку моделот со една изборна единица, повеќе нема да се случи да има моќни фигури како што беше Груевски во Република Македонија, коишто на апсолутистички начин ќе воспостават режим и диктаторство во државата. Овој период мора да остане минато за нашата Македонија, ако сакаме да бидеме нормална земја, со демократски развој, рамо до рамо да се натпреварува и развива со сите развиени европски земји.

Моделот којшто се нуди од страна на власта, мнозинскиот модел, посебно модернизиран со 17 пратенички места екстра да добиела партијата којашто ќе добиела најмногу гласови.

Прво, јасно им е веќе на сите дека после десет години, во април десет години Груевски ќе наврши на власт, тој ќе замине во историјата. Секако Социјалдемократскиот сојуз и опозицијата се тие коишто ќе бидат прво рангирана партија. Но зарем треба Заев да биде нов Груевски? Зарем треба оној којшто до пред една година и неколку месеци бараше 62 пратеници сега тоа да го усоврши со 17 пратеници? Ние сме целосно убедени дека опозицијата ќе ја добие честа да ја врати во нормала Македонија и да ги врати демократските институции, но најважно од се, да го подобри квалитетот на животот на сите граѓани подеднакво во државата.

Ако сака Груевски да има мнозинска листа, легитимна е дебатата, но мора да направи прво попис во државата. Без попис, како ќе ги дефинираме изборните единици? Тие се веќе нерамноправни со огромна миграција што се случи во Македонија. Ќе навлеземе во уште една уставна незаконитост и неуставност генерално, за да се спроведе ваквиот модел.

Реално, искрен претседател на политичка партија, искрени политичари, генерално, не смеат да се залагаат за системи коишт би биле бипартитен систем. Две големи партии да бидат постојано на власт и да се менуваат. Малите партии мора да добијат на значење. Само на тој начин ќе го демократизираме Парламентот и на тој начин ќе ги вратиме во нормала демократските институции.

Ако е искрена намерата на било кој лидер од политичките партии и ако било кој има намера чесно да ја води Република Македонија, не смее да се плаши со тоа што ќе влезат повеќе политички партии во Парламентот од коишто ќе зависат во многу од работите, а впрочем ќе се смени системот повеќе од еден поединец да не зависат работите во државата.

Јас сум убеден дека вреди целосно да се размислува моделот со една изборна единица, тогаш рамноправно вреди гласот на сите граѓани, тогаш рамноправно вреди гласот и на граѓаните во Македонија и во дијаспората, многу значајна за Република Македонија, ама на тој начин ќе имаме уставно гласање, рамноправно, ќе ги врати демократските институции во Македонија и повеќе никогаш нема да се повтори режим, диктаторски однос со апсолутистичка власт како што имавме досега во последните девет години.“- изјави Заев.