Во текот на минатата недела, царинските службеници открија неколку обиди за криумчарење, при што привремено се задржани цигари, домашна ракија, облека, овошје, додатоци на исхраната и регистарски таблички.
Задржана е следната стока:
Цигари и ракија
– 30 штеки цигари, марка TROKADERO Blue, со македонски контролни маркички, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените цигари се пронајдени во внатрешноста на резервната гума и во командната табла, под воланот на возилото.
Цигарите се привремено задржани, а против прекршителот е поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за одлучување по прекршоци на Царинска управа.
– 84 литри домашна ракија (56 пластични шишиња од по 1,5 литри), откриени при контрола на празен камион со македонски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавената ракија е пронајдена под долниот кревет, во кабината на камионот.
Ракијата е привремено одземена а против сторителот е поведена соодветна постапка за сторениот прекршок.
Облека
– 600 парчиња облека (фустани и долна облека), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Струга-Охрид, пред влезот во Охрид. Текстилните производи за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки се пронајдени во две вреќи сместени во багажникот и во една кутија сместена на задното седиште на возилото.
Стоката е привремено задржана, а против прекршителот ќе биде поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Македонија.
– 154 парчиња облека (фармерки, фустани, кошули, здолништа и блузи), откриени при контрола на албански автомобил, со кој за влез во државата, на граничниот премин Богородица, се пријавиле двајца албански државјани. Непријавените текстилни производи се пронајдени во патнички куфер сместен во багажникот и во повеќе кеси сместени зад совозачкото седиште на возилото.
Стоката е привремено задржана, а против прекршителот ќе биде поведена соодветна постапка.
Овошје и додатоци на исхраната
– 280 килограми праски, откриени при контрола на грчки пикап, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Возачот се обидел да ја избегне царинската контрола, но откако бил сопрен од царинските службеници и била извршена детална контрола, во товарниот дел на возилото покриени со ќебе биле пронајдени 7 гајби со праски, а внатрешноста на возилото, под и помеѓу седиштата, била исполнета со растурени праски.
Непријавените праски се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 17 пакувања суплементи, марка Jack 3d, GOLD STANDARD,C4 EXTREME и PRE-PLATINIUM, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи се пронајдени во патен ранец, сместен на задното седиште на возилото.
Суплементите се привремено задржани, а против прекршителот е поведена прекршочна постапка.
Регистарски таблички
– 1 комплет бугарски регистарски таблички и сообраќајна дозвола, откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за излез од државата, на граничниот премин Делчево, се пријавиле двајца македонски државјани. Според изјавата на сопатникот во возилото, сопственик на регистарските таблички, претходно извршил привремен увоз на патничко возило марка BMW 320i, но истото го продал за делови во Битола. Со таквата постапка патникот го пуштил во слободен промет возилото, без претходно да го стави во пропишана царинска постапка и без да ги плати увозните давачки.
Против прекршителот ќе биде поведена соодветна постапка за сторениот прекршок.