Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Турција во Република Македонија Омур Шолендил и со почесниот турски конзул во нашава земја, Абдураим Бајрактар.
На средбата беше подвлечено дека пријателските земји кои континуирано работат на зацврстување на добрите односи во повеќе сфери од животот ги поврзуваат историските и културни вредности. Во таа насока беше истакната добрата соработка што Охрид ја има со збратимените турски градови, Јелова, Сафрамболу и Газиосманпаша, а се разгледа и можноста уметници од Турција да настапат на наредното издание на фестивалот „Охридско Лето“.
На работниот состанок се разговараше и за можностите за воспоставување директна авио линија Охрид – Истанбул и обратно која би претставувала нов поттик за развој на туризмот и бизнис соработката.
Градоначалникот Бакрачески ги информира гостите за успешното организирање и позитивните ефекти врз туризмот по одржаните туристички промоции на Охрид во Стразбург, Белград , Сараево и Прага на кои присуствуваа туроператори, туристичките агенции и медиуми а се укажа и на можноста во иднина ваква промоција за Охрид да се одржи во Истанбул.