„Сребреното момче” од Сан Антонио, Андреј Стојановски на прием во Агенцијата за млади и спорт

Во просториите на Агенцијата за млади и спорт денеска беше организиран прием за Андреј Стојановски, момчето што освои сребрен медал на неодамна завршеното Светско првенство во пливање за лица со оштетен слух, кое од 17-22.08. годинава се одржа во Сан Антонио, САД. 20-годишниот Стојаноски во дисциплината 1.500 метри слободен стил, оствари време кое му беше доволно да го освои сребрениот медал.

Тој имаше најдобар резултат во квалификациите, со што се пласира во финалето на трката од 1.500 метри слободно и со време од 16 минути, 57 секунди и 13 стотинки го освои второто место во дисциплината во која имаше најголеми очекувања.

Во текот на вчерашниот ден, пред пливачкиот базен “Борис Трајковски”, Стојаноски беше пречекан од семејството, пријателите, но и голем број вљубеници во спортот, кои му го честитаа големиот успех, за да денес има и официјален прием од надлежните во АМС.

„Андреј е македонски спортски бисер, кој во континуитет постигнува високи спортски резултати во пливањето, кои се вреднувани од државата. Тој е носител на стипендија од АМС од светска категорија, а со овој резултат уште еднаш ќе ја потврди и завери” – потенцираше директорот Спасески и информираше дека АМС во континуитет дава финансиска поддршка за меѓународните настапи на Андреј, а за учеството на овогодинешното Светско првенство, од буџетот на АМС беа издвоени 250.000 денари.

„Ова е огромен личен успех на Андреј, со кој се гордее цела Македонија. Тој е нашиот спортски херој” – заврши Спасески.

За големиот успех на Стојаноски, најзаслужен е неговиот тренер, Марјан Соколовски, кој согласно одредбите од законот за спорт ќе добие еднократна парична награда во висина од 40% од надоместокот кој ќе го зема спортистот за една година.

Младиот и скромен Андреј веќе 13 години активно тренира пливање, а во последниве неколку години постигнува и големи резултати. Тој не ја криеше радоста од постигнатиот успех.

„Беше тешко да се направи резултатот, но ова е голем успех за мене и верувам дека во иднина, во најмала рака ќе го повторам сребрениот медал, а се надевам и на злато” – порача Андреј и се заблагодари на поддршката од Агенцијата за млади и спорт и од Националната федерација за глуви лица.

DSC01554 DSC01544 DSC01567