Екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ расчистуваа во Св.Стефан, Горица 3, Елшани и Пештани

Екипите на „Јавна хигиена“ при ЈП „Охридски Комуналец“ денес го расчистуваа просторот во близина на плажата „Горица 3“, паркинг просторот и пристапните патеки.

„Од паркингот и од тревниот дел околу пристапните патеки се расчисти расфрланиот комунален отпад (пластични шишиња, картонска амбалажа, најлон кеси и др.)“- информираат од претпријатието.

Исто така расчистен е просторот во населбата Сфети Стефан, тревниот дел на потегот опфатен со магистралниот пат Охрид – Св.Наум и крајбрежните објекти во оваа населба. Овие активности се реализираа по налог на општинскиот инспекторат.

„По силното невреме кое го зафати источниот дел од охридското крајбрежје во саботата, нашите екипи три дена ги расчистуваа наносите од земја, песок и чакал по јавните површини во с.Пештани, а денес се расчистуваше во с.Елшани.“– велат од претпријатието.

Пред почетокот на охридскиот пливачки маратон, во текот на утрешниот ден тројца комунални работници ќе го расчистуваат пристаништето во Свети Наум. Од езерските води околу пристаништето ќе се расчисти натрупаниот отпад, ресата и трската, додаваат оттаму.