Утре започнува осмото издание на Охридскиот хорски фестивал 2015

По осми пат од утре 27-ми до 31-ви август во Охрид ќе се одржи Охридскиот хорски фестивал, на кој ќе учествуваат дваесет и два хора од 11 европски држави.

Фестивалот има ревијален дел и натпреварувачки дел кој опфаќа неколку категории. Пријавените хорови ќе се претстават на натпреварувачките концерти, концертите на духовна музика, поп и фолк концертите.

Жири комисијата ја сочинуваат реномирани лица од музичкиот свет и тоа: Магдалена Липска (Полска), Аљоша Новаковиќ (Босна и Херцеговина), Запро Запров (Македонија), Дора Халас (Унгарија) и Дарина Чакарова (Бугарија).

Концертите од фестивалот ќе се одржуваат во Дијамантската сала на хотел Инекс Горица и црквата Св. Кирил и Методиј (католичка црква), а во состав на отворањето хоровите ќе изведат кратка програма на отворено.

На отворањето ќе настапи Бугарската вокална атракција Војсленд (Voiceland), кои се финалисти на Охридскиот хорски фестивал 2012, а минатата година се пласираа во полуфиналето на бугарското издание на шоуто „Јас имам талент“.

Влезот е слободен, а за посетителите кои ќе го најават своето присуство подготвени се пригодни изненадувања.