Почнаа 54. Струшки вечери на поезијата

Со традиционалното читање на Константиновата Т’га за југ, поетско послание на познатиот сириско-либански поет со светска слава Адонис, кој се обрати во име на сите поети учесници и лауреати на „Златниот венец“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата синоќа почна 54. издание на Струшките вечери на поезијата.

Претходно во Паркот на поезијата беше засадено дрвце во чест на лауреатот, добитникот на највисокото признание „Златен венец“, кинескиот поет Беи Дао.

На свеченото отворање присуствуваа министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска, државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби, директорот на Струшките вечери на поезијата Мите Стефоски, претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорѓо Димоски, поети, граѓани…

На манифестацијата учествуваат 44 поети од 29 земји, меѓу кои Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија, САД, Либан, Мексико, Молдавија…

Струшките вечери на поезијата, како што истакна министерката Канческа-Милевска на отворањето, се голем триумф на македонската култура и традиција која несомнено на еден благороден начин го збогатува европскиот и светскиот културен простор. Струшките вечери на поезијата, додаде, се еден искрен придонес на нашата држава во заемното запознавање и почитување на културите и градењето на новата димензија на пријателството меѓу народите во светот.

„Оваа манифестација, преку која одекнува полифоничноста на поетскиот збор, е најголем афирматор на поетските вредности на сите светски јазици, но и на универзалниот сон на човештвото кој едноставно вели дека историјата ја уништува идејата за вечноста, а поезијата може да го спаси sветот. Веќе пет децении Струга е домаќин на овој импозантен поетски собир, кој благодарение на групата македонски поети кои во почетокот на шеесетите години ја иницираа идејата за СВП стана исклучителен книжевен симбол за секој поет“, рече Канческа-Милевска.

Ова, додаде, е најстарата поетска манифестација во светот, која големите поетски мигови ја дефинираа како стабилна и мудра одлука на македонскиот народ, за сите народи.

„Достигнувањата на Струшките вечери на поезијата, на овој фестивал со космополитски и универзален концепт, несомнено не обврзуваат и во иднина заеднички да ги градиме нераскинливи културни врски меѓу нас, да ја негуваме традицијата на обединување на светот низ поетскиот збор“, нагласи министерката.

01_struski_veceri_2015_640x400

„Кинескиот поет и автор Беи Дао, со својот грандиозен, планетарно распослан поетски опус на сите јазици остави длабоки траги во светската поетска мисла. Делата на овој автор, неговата страствена и сугестивна поезија е автентична и исклучително богата и во оваа смисла, слободно можеме да забележиме дека Беи Дао е исклучителна појава во светската поетска историја, поетски глас на една генерација автори кои одбележаа значајна епоха од развојот на светската литература“, рече миистерката.

Адонис, лауреат на СВП во 1997 година, во чест на 50-годишниот јубилеј на највисокото фестивалско признание „Златниот венец“, во своето поетско послание говореше за интеграцијата на човекот во универзална културна машина која мисли наместо него, нагласувајќи дека поезијата мора да излезе од таа фабрика.

„Поезијата нема да излезе од рутината измислувајќи некоја нова удобност за човекот кој би ја трансформирал во еден вид на проповедање и би станала дискурс на банализација и информација. Таа ќе избега од оваа апорија, од оваа склероза, кога човекот ќе пишува за себеси, себеиспрашувајќи се за своите маки и распетија, физички или метафизички. Кажувајќи ги работите без никакво учење и надвор од секаков систем на мислата“, рече Адонис.

Поезијата, додаде тој, ги разнишува стереотипите и значи вечно движење кон откривање на креативната енергија на светот.

По свеченото отворање настап имаше музичката група „Фолтин“, а потоа се одржа поетското читање на учесниците од платформата „Версополис“, каде поканетите поети од овој проект читаа поезија, а публиката уживаше во прекрасните стихови.

Покрај во Струга денеска поезија ќе се чита истовремено и во Охрид, Ресен, Битола и Скопје. Ќе се одржат и поетски читања од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“, како и поетски времеплов „50 години Златен венец“ -омажи на лауреатите на СВП.

IMG_4029