Нашиот став е македонските иселеници да имаат свои претставници во Парламентот на Република Македонија и ќе се залагаме и понатаму дијаспората на тој начин да учествува во политичкиот живот во земјата, истакна премиерот Никола Груевски на синоќешната средба со претставници на македонската дијаспора во Виена, Австрија.
„Тоа беше проект за кој многу се зборуваше пред 2006-та година меѓутоа ниту една влада не го спроведе. Ние го ветивме кога бевме во опозиција во 2004-та, во 2005-та година и потоа по нашето доаѓање успеавме да ги убедиме и другите политички партии нашата дијаспора, македонците кои се иселени од Република Македонија, кои што многу помагаат на своите блиски во Македонија, кои што со душа и срце сакаат да и помогнат на Република Македонија и секогаш кога имаат прилика го прават тоа да имаат барем симболично учество во креирањето на политиките да имаат свое учество преку давање на свои идеи барања, предлози критики преку свои претставници. Реков симболично затоа што имаме еден претставник од Европа, еден од Америка и еден од Австралија и ако мене ме прашувате јас сметам дека бројот на претставници треба дури и да поголем, меѓутоа засега немаме единство по тоа прашање во државата, меѓу политичките партии“, истакна Груевски.
Тој посочи дека дијаспората има право на свои претставници. – Ние ќе продолжиме да се бориме барем овие три пратеници кои што сега ги имате да продолжат и на тој начин, граѓаните на Македонија што живеат надвор од државата да гласаат на избори и да имаат свој претставници и на тој начин на учествуваат во политичкиот живот во Македонија.
Премиерот Груевски на средбата со македонските иселеници се осврна и на работата на Владата.
„Во наредниот период има уште многу проекти кои што ќе ги направиме. Ние стриктно се држиме до она што сме го ветиле, на граѓаните, се држиме до нашата програма проекти за подобрување на квалитетот на живот на народот во Македонија, на секој граѓанин. Нашата мисија е внимателно да одбереме што ќе ветиме но и ветеното да го реализираме. Како Влада даваме се што е во наша моќ да се придвижат работите напред и да се подобри квалитетот на живот на сите структури во Македонија. Ние како Влада никогаш не сме кажале дека ќе ги решиме сите проблеми затоа тој тоа што ви го ветува тој не ви ја кажува вистината но нашата цел е колку што е можно повеќе проблеми да решиме, така и ќе продолжиме по тој пат. Во моментот предводиме над 2.000 проекти кои што се дел од нашата програма, некои се поголеми, некои помали но се значајни за граѓаните на кој се однесуваат. Нашата цел е побогата посреќна, постабилна и попросперитета Република Македонија и граѓаните што живеат во неа“, нагласи македонскиот премиер.
Иселениците децидни, дијаспората мора да има свои претставници, и активно да придонесуваат во општествениот живот во својата држава. – Ние сме македонци и ние имаме право да имаме глас преку своите претставници, истакнаа тие на средбата со премиерот изразувајќи му благодарност за посетата, која за нив преставува голема чест.
„Ние имаме длабоки врски со нашата татковина и сакаме нашиот глас исто да се слушне во Парламентот, да имаме право на глас….Ние сме многу задоволни што во овој момент не посетува нашиот премиер, тоа е знак на добра соработка и врски со нашата татковина и тоа ни значи нормално“, истакна Ружа Кајмаковска иселеник од Македонија во Виена.
Секретарот на македонското здружение „Св. Наум Охридски“ во Виена, Златко Николовски рече дека дека „како класична дијаспора на печалбари сакаат да има нивни глас во македонскиот Парламент.
„Ние сметаме дека тоа што се воведе пред неколку години таа можност да имаме наш преставник во Парламентот е добра можност да нашите барања да се пренесат во Македонија…. Ние си имаме наши потреби околу патувања во Македонија, имоти со државјанство, такви прашања, практични нас не интересираат и затоа треба да има наш претставник. Од Европа посебно бидејќи други се условите во Канада, Америка, Австралија. Треба да си остане она како што си е“, нагласи Николовски.
Македонски иселеник во Виена, Тони Илиќ рече дека треба да се слуша и гласот на дијаспората.
„Ние сме македонци овде што живееме, и ние придонесуваме, и ние носиме и ние влагаме во Македонија, незнам како дошле тие до ваква идеја да не гласаме да изгубиме свои претставници, и ние сме македонци. …. треба да се слушни нашиот глас овде“, рече Илиќ.
Премиерот Груевски во своето обраќање се осврна на повеќе актуелни прашања, меѓу кои и за состојбата со политичката криза.