Деновиве во црквата Св.Дух во Котор, Црна Гора, на иницијатива на меѓународниот фестивал КоторАрт беше потпишана Которската иницијатива, Меморандум за соработка на четирите најзначајни регионални летни фестивали: Меѓународниот фестивал КоторАрт (Црна Гора), Дубровнички летни игри (Хрватска), Фестивалот Љубљана (Словенија) и Охридско лето (Македонија).
Спогодбата ја потпишаа Ратимир Мартиновиќ (директор на которАрт Дон Бранкови денови на музика и координатор на сите програми на КоторАрт), Младен Тарбук (интендант на Дубровничките летни игри), Дарко Брлек (директор на фестивалот Љубљана и претседател на Европската асоцијација на фестивали) и Елизабета Јанкуловска (директорка на Охридско лето).
Целта на потпишувањето на меморандумот Которска иницијатива е остварување на подобар дијалог и интензивирање на соработката помеѓу фестивалите , како и отворање простор за реализација на заеднички проекти и програми, размена на проекти, програми и искуства, како и зајакнување на културната соработка помеѓу земјите потписнички.
На потпишувањето на спогодбата присуствуваа и министерот за култура на Република Црна Гора Павле Горановиќ, министерот за култура на Република Хрватска Берислав Шипуш и секретарот на Директоратот за творештво при Министерството за култура на Република Словенија др. Матјаж Шекорања, кој со своето присуство даде силна поддршка на поврзувањето на репрезентативните фестивали, и плодна регионална размена и соработка во областа на културата.
Хрватскиот министер Шипуш потенцира дека ваквиот чекор е од особено значење за Црна Гора и Македонија како држави кои се приближуваат кон Европската Унија со оглед на тоа што Хрватска и Словенија се веќе дел од ова семејство. По потпишувањето на Которската иницијатива, директорите, министрите и претставниците на четирите држави присуствуваа на концертот на Хрватскиот барокен ансамбл и Симфонискиот оркестар на Хрватската радиотелевизија на плоштадот Св.Влах на свеченото затворање на 66. Дубровнички летни игри.
„Секој од овие уметнички фестивали потсетува на она што е веќе Европа. Европа е култура – културата е Европа. Сите овие фестивали , сите наши земји кои вечерва се тука сведочат на фактот дека културата е дел од нас, на секоја нација но и дел од Европа како и дека Европа сама по себе е култура. Европа треба да ја покаже својата култура и во најтешките ситуации па и во овие сега политички кризни,“ рече Шипуш.
И црногорскиот министер го истакна значењето на потпишувањето на Которската иницијатива. Според него оваа иницијатива се гледа и како можност да се презентира црногорската културна понуда во соседните земји.
„Посебно ме радува што оваа иницијатива потекнува од Котор, град кој симболизира соживот и дијалог. Очекуваме од сите потписници на Которската иницијатива во иднина да работат на зајакнување на соработката и потикнувањето на другите културни субјекти да спроведат една ваква иницијатива“, потенцира Горановиќ.
„За нас овој Меморандум е многу важен затоа што Дубровник се кандидира за Европска престолнина на културата 2020. Многу се важни ваквите конкретни активности за една таква кандидатура, а не само добро спакувани планови , за да му се случи европска култура на Дубровник, )“, рече Младен Тарбук, интендант на Дубровничките летни игри.