Со поддршка од Министерството за култура, во завршна фаза се активностите за заштита на Стариот амам во Тетово, кој претставува споменик на културата од османлискиот период.
Со оглед на оштетувањата на ова вредно културно наследство, особено во делот на куполите, предвидена е санација на целиот објект од страна на НУ Национален конзерваторски центар – Скопје.
Овој проект се одвива во четири фази, од кои првите две се реализирани во 2012 и 2013 година, при што е изработен проект за непосредна заштита, конзервација и санација од страна на надлежната установа НУ Национален конзерваторски центар – Скопје.
За целосна реализација на проектот, надлежната установа склучи договор за финансирање со Турската агенција за соработка и координација – ТИКА според кој, во координација на двете институции, ќе се спроведат сите потребни мерки за заштита, односно санација на објектот.
Во согласност со усвоената динамика, предвидено е решавање на проблемот со влагата во објектот, конзерваторски зафати за консолидација на куполите, односно санирање на пукнатините направени под влијание на временските услови. Исто така, предвидена е превентивна интервенција во внатрешноста на објектот, како и изработка на дренажен канал, канал за одвод на атмосферска вода, рампа, оградни ѕидови, фасади, покрив, третман на вертикални ѕидни површини во просториите на објектот и третман на вертикални сферични површини.
Финализацијата на активностите од областа на непосредната заштита е планирана до крајот на 2015 година.
Стариот амам во Тетово претставува објект од османлискиот период, поточно од XV век, зачуван во својата автентична градежна форма. Овој споменик на културата е адаптиран во галериски простор и функционира во рамките на НУ Уметничка галерија – Тетово.