Во излетничкото место кај манастирскиот комплекс „Света Богородица“ кај селото Скребатно, по трет пат се одржа туристичко- промотивната манифестација „Охридска софра“ што ја организира општина Охрид и со која симболично се означува крајот на главната туристичка сезона. Целта на настанот е збогатување на туристичката понуда преку промоција на традиционалната охридска кујна со подготовка на локални специјалитети, меѓу кои посебно место има ѓомлезето.
Годинава во подготовка на ѓомлезето учествуваа 15 мајстори а специјалната тричлена комисија за најдобро го избра ѓомлезето на Јорданка Тодороска која освои парична награда од 10.000 денари. Второто место и 7.000 денари ѝ припадна на Ратка Крстаноска, додека Илина Бимбилоска – Коваческа беше трета и доби награда од 3.000 денари за вложениот труд.
Учесниците и посетителите на манифестацијата во име на градоначалникот Никола Бакрачески ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев .
„Со организирањето на ваквите настани од една страна ги негуваме традиционалните вредности кои се наши препознатливи белези во Светот, а од друга, поставуваме цврсти основи за развој на руралниот туризам како еден од алтернативните форми за чиј развој општината има изградено стратегија и води особена грижа. Посебен акцент денес ставаме на охридскиот специјалитет ѓомлезе. Јас знам дека колку што се вкусни ѓомлезињата кои од рано утрово ги подготвувате вие- вредни учесници во натпреварот, толку е голема маката на стручната комисија која треба да оцени кое ѓомлезе е најдобро. Сите вие денес сте победници, сите вие сте најдобри,затоа што токму преку вашите кулинарски способности и вештини ја промовирате нашата надалеку позната традиционална кујна. Заедно со вас, креатори на оваа убава слика се и претставниците на неколку охридски и угостителски објекти, студентите од охридскиот Факултет за туризам и угостителство кои приготвуваат јадења по традиционалните рецепти и жителите од околните населби кои ја презентираат здравата храна. Со желба оваа манифестација уште многу години да биде дел од туристичката разгледница на Охрид, ќе ви посакам да уживате во преостанатите содржини од манифестацијата и да понесете убави спомени со себе кои повторно ќе ве враќаат на секое наредно издание на „Охридската софра“.- истакна Јанев.
Манифестацијата беше збогатена и со музичка програма и со настап на етно- групата „Баклава“.