Дополнителни 1,1 милион евра ќе се инвестираат во здравството до крајот на годината. Ќе биде набавена опрема за клиниките за детски болести и за гинекологија и за поликлиниката „Јане Сандански“ во општина Аеродром.
Ова го најави премиерот Никола Груевски по денешното пуштање во употреба на новиот објект на ОУ „Живко Брајковски“.
„Континуирано вложуваме во здравството. Имавме еден проект за вложување на 100 милиони евра во набавка на опрема и тој проект во најголем дел е реализиран. Сега започнавме нова набавка на опрема за неонатална интензивна нега за Универзитетската Клиника за детски болести и на Клиниката за гинекологија од 50 милиони денари, за што процедурата е во тек, и ќе биде исклучително важно за намалување на смртноста кај доенчињата. Имаме посебен проект во Владата заедно со Министерството за здравство и мојот советник за здравство работиме на сите потребни работи за да се намали смртноста на доенчињата“, истакна Груевски.
Тој најави дека е започната и процедурата за набавка на компјутерска томографија во поликлиниката „Јане Сандански“ во Аеродром во вредност од 20 милиони денари што треба да биде завршена и инсталирана до крајот на октомври.
„Само овие три проекти, на Детската клиника, во Гинекологија и во „Јане Сандански“ чини околу 1,1 милион евра, дополнителна инвестиција која што ја правиме во текот на оваа година. Така што инвестициите во опрема на здравството продолжуваат, имаме уште многу други работи што течат како набавка, што завршуваат или што ќе почнат. Тоа е еден континуиран процес и ние никогаш нема да застанеме. Постојано ќе работиме на понова и понова опрема во делот на здравството во РМ“, истакна премиерот Никола Груевски.