Едно лице го загуби животот во тешка сообраќајна незгода на патот Охрид – Св.Наум

Едно лице го загуби животот, а друго има тешки телесни повреди по сообраќајната незгода што вчера во 15 часот се случи на регионалниот пат Охрид-Св.Наум кај туристичката насебата Лагадин.

По сообраќајната несреќа, од здобиените повреди, синоќа во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид почина Тони Т. (20) од Охрид додека Б.С. (17) од Охрид, се здоби со тешки телесни повреди и е префрлен во Клиничкиот центар во Скопје.

Во тешката сообраќајна незгода учествувале моторцикл марка „Хонда“ и патничко моторно возило марка „Форд Мондео“, двете со охридски регистарски ознаки.

Незгодата се случила во момент кога сега повредениот Б.С кој по регионалниот пат го управувал моторциклот од Лагадин кон Охрид, изгубил контрола и директно удрил во предната лева страна од автомобилот „Форд Мондео“ кој се движел од спротивната насока. Тешката сообраќајна незгода се случила на дел од патот каде гледано во правец кон Охрид има кривина во десно и каде моторциклот, движејќи се кон Охрид, преминал на спротивната-лева сообраќајна лента и директно се удрил во предниот лев дел од патничкиот автомобил.

На местото на настанот, во времето од 15 часот до 16 часот и 30 минути извршен е увид поради што сообраќајот до двете насоки беше во прекин.

По наредба на јавен Обвинител, во текот на денов врз телото на сега починатиот ќе биде извршена обдукција како и вештачење врз патничкото моторно возило и моторциклот.