Проектот за самовработување се одвива добро и ќе продолжи и наредната година. Годинава се регистрирани над 500 фирми со над 500 вработувања. Со вториот дел од проектот за кој е во тек постапка се очекува бројка од најмалку 1.000 вработувања.
Тоа го најави денеска премиерот Никола Груевски по посетата и увидот во градежните активности за изградба на новото средно училиште во село Сарај.
Во регистрираните над 500 фирми, односно мали микробизниси, според Груевски, се вработени најмалку по едно лице, тоа што ја отвора фирмата, но има и случаи со по две и три вработувања.
Со вториот дел од проектот за кој е во тек постапката се очекува да се реализираат уште 430 вработувања, со што, како штовели, ќе се дојде до најмалку илјада вработувања под услов во фирмите да има само по еден вработен, а веројатно ќе има и повеќе во голем дел од овие новорегистрирани фирми.
„Само оваа година има околу илјада вработувања со проектот за самовработување за лица што не се вработени и што добиваат помош и поддршка од државата за да започнат свој мал бизнис. Досега во минатите години гледано има околу 6.800 регистрирани фирми во кои се вработени најмалку по еден, а во некои во нив и по повеќемина лица“, изјави Груевски.
Потсети дека при престојот во струмичкиот регион пред неколку дена во населеното место Турново посетил фабрика која има веќе девет вработени, а почнала со ваков грант од Владата и потоа почнуваат да се шират и вработуваат нови лица. Тоа, како што рече, исто така им носи приход затоа што секој нововработен може да влезе во тој пакет и да донесе дополнителни средства.
„Овој проект дава резултати затоа што многу луѓе коишто имаат претприемачки дух, кои имаат добри идеи можат да си го најдат своето вработување на овој начин. Има луѓе коишто не можат на тој начин, од различни причини. Владата дава извонредна можност која многумина ја користат и работите во тој дел одат добро. И во наредните години од 2016 година и натаму ќе продолжиме со овој проект затоа што дава резултати“, изјави Груевски.
Ако во една година се вработат илјада луѓе и не се на товар на државата, си обезбедиле егзистенција за себе и за своето семејство, но и за други луѓе што ги вработуваат, според Груевски, е показател дека државата треба да продолжи со директна помош на лицата кои имаат претприемачки дух.
„Некои од нив имаат и иноваторски дух кои се спремни да влезат во една таква операција во која ќе отворат свој бизнис, ќе преземат и мал ризик, ќе добијат помош од државата и ќе го остварат своето вработување, својот план, амбиција итн“, изјави премиерот Груевски, при посетата на Општина Сарај.