Претседателот на СДСМ Зоран Заев, денес беше во посета на Тетово, и во изјава за медиумите тој истакна:
„Јас и неколку членови на Извршниот одбор на партијата, на Централниот одбор на партијата, но пред сé, на општинското раководство на СДСМ во Тетово, заедно со многумина граѓани и членови на партијата, но пред сé, многумина неопределени граѓани, ќе посетиме неколку локации во Тетово, за да поразговараме за вистинските проблеми со коишто нашите граѓани секојдневно се соочуваат.
Прво, Тетово е еден од поголемите региони, ако не и најголем регион после главниот град во нашата Македонија. Имавме прилика да поминеме покрај Спортскиот центар, видовме како е оставен на абењето на времето, нешто што уште од социјализмот е направено, а толку значајно катче овде во центарот на градот, важно за сите генерации, буквално, за спорт и рекреација, коешто само по себе покажува колкава е незаинтересираноста на власта за решавање на крупни проблеми коишто тиштат огромен процент на граѓаните. По информации, некаде околу 70 отсто од граѓаните од градот Тетово, котираат на овие спортски игралишта. Овде е и средното училиште, основното училиште, спортската сала, погони за текстил… ветувањата за градски базен, модерни сали, останаа од изборите, но тоа е само еден мал дел од проблемите.
21 век, втора декада, а Тетово има рестрикции за вода. Тетово, не зборуваме за некое мало населено место во нашата Македонија. На сите избори доаѓаат политичарите и заминуваат, сега 200 метри, утре 300 метри ќе направиме, проблемот останува.
Истовремено, за жал, Тетово е најзагаден град во Македонија. Неколку денови беше прогласен за најзагаден град во Европа. Во јуни месец 28 дена, колку што знам, МП-10 честичките беа 100 отсто зголемени и апсолутно тоа ни укажува дека проблемите се неколкукратни. Депонијата мора да ја реши Република Македонија трајно. Ја дислоцира од едно на друго место, но повторно во близината на центарот нејзиното палење и трајното нерешавање е огромен проблем. Користењето тврди средства за огрев, исто така е голем проблем. Југохром е голем проблем. Тоа се вистински проблеми на граѓаните коишто државата мора да ги решава. Генерално, сите овие проблеми, ако го додадеме овде проблемот со гробиштата којшто години и години се решава и никако да се реши, а треба да се направат неколку каскадни решенија над гробиштата за да може нормално да се прошируваат самите гробишта. Ги кажувам издвоено, есенцијални проблеми коишто го тиштат секој граѓанин на Тетово, без разлика на неговата етничка, верска, политичка или каква било друга определба. Сите заедно чинат, најверојатно не повеќе од два споменика во центарот на Скопје.
Овие прашања мора да се решваат под итно и тоа се вистински прашања за коишто државата треба да даде решенија.
Едно од решенијата е директно државата да интервенира во филтер на Југохром, а Југохром да си го плати со делот на неговото работење за брзо решение, не може вака да го одложуваат. Да, точно е, наши граѓани работат и земаат плата, но истите тие граѓани, прво, патат од ова што се случува, а после и останатите граѓани. Мора да се решаваат. Јас сум и градоначланик, го видов спортскиот наменет простор за оваа работа. Ситни пари се за општина, а не за државата.
Иако е надлежност и на државата во дел од спортските објекти, а дел на општината. Но, верувајте, на општините понекогаш им треба помош од државата да можат и сами да решат. Огромни политички поени се собираат од едно спортско игралиште ако се стават во функција. Така да, проблемите се решливи, вода во 21 век, втора декада, катастрофа. Мора под итно да се реши.
Зборувам за актуелни проблеми заради тоа што, еве после повеќе од еден час поминати, веќе се истакнати сите проблеми. Продолжуваме по пазарот, по чаршијата. Ќе се видиме во одреден дел на градот Тетово, па одиме во општина Боговиње. Проблемите секојдневни се и овде присутни.
Последните проблеми коишто однесоа, за жал, и човечки животи, ако бидеме чесни и зборуваме отворено, ние дадовме целосна поддршка на Владата, општината и сите органи во решавањето на проблемите. Да нема дилеми околу тој дел. Но, ако не прозбориме дека каналите се запустени со диви депонии, сечата на Шар Планина што се случува и предизвикува еродирање на земјиштето, ние нема да се спасиме и од идно повторување на ваков вид проблеми коишто, за жал, чинат човечки живот. Со вакви проблеми секојдневно се справуваат граѓаните и тие мора да бидат решавани од политичарите, од власта којашто ја добила честа да решава проблеми на граѓаните.
Дозволете, да ја искористам приликата, да дадам и информации за она што е најактуелно во делот на преговорите. Знаете дека се собираат последните денови околу исчекувањето да се донесе одлука за законот за специјален обвинител, а со тоа и за специјалниот обвинител. Концпетуални се разликите на преговарачките тимови на политичките партии, но се надевам дека ќе бидат надминати најдоцна до самиот почеток на идната седмица, 7-ми, 9-ти. Јас би бил среќен да биде тоа 7-ми, со законско решение преку измени и дополнувања на законот, каде што ќе се избере специјален обвинител во новоформирана обвинителска структура, со неколку заменици, обвинители, стручни служби, со целосна автономија и независност на обвинителот, со можност да избира истражен центар со инспекторите коишто ќе ги бира, со стручни соработници, достоинствена плата, обезбедување на него и на неговото семејство. Сé што ќе гарантира целосна автономија за да тргнат процесите. Убедувањата беа вадени на маса доста денови, поприлично се расчистија правните непрецизности или разноликости помеѓу политичките партии. Денеска, утре, недела се убави денови да објавиме дека законското решение е договорена работа.
Ако во понеделник се стави на дневен ред во Парламентот, веќе сме на добар исчекор, заради тоа што, името на специјалниот обвинител никој не може да го бара, ниту да мотивира квалитетни кадри, без измените и дополнувањата на законот за јавното обвинителство, каде што секој чесен човек, подготвен за ваква сериозна работа би го разгледал прво законското решение, а потоа би аплицирал за специјален јавен обвинител. Ова е презначајно прашање, го знаете ставот на СДСМ во делот на новите незаконски одлуки на судот.
Ние се надеваме дека ќе носат мудри одлуки повисоките судски инстанци, секако ги следиме процесите и со жалбените постапки во делот на Јавното обвинителство. Ставот го кажаа независните експерти, сите претставници на правосудните органи коишто се независни, а тоа е реткост денеска во државата, но го кажаа, не може без да биде издадено решение за отпочната истрага, да има странка којашто ја застапува адвокат Додовски, да поднесе барање за одземање или изземање на доказите од процесот за којшто сеуште не се води истрага во предистражна постапка. Така да, ова како и да се одлучува од страна на повисоките инстанци воопшто не влијае на идните позиционирања на идниот специјален јавен обвинител и Обвинителството околу него.
Специјалниот јавен обвинител е многу значаен за сите нас граѓаните од Р.Македонија, заради тоа што преку него ќе се испратат првите пораки на подготвеност на Р.Македонија за реформи кон независно правосудство. Тоа е и судството и јавното обвинителство, ако ги направиме вистинските чекори, тогаш има надеж за независно правосудство во Македонија. Ако не, апсолутно Македонија останува зачмаена, а опозицијата е подготвена на секој можен начин да ги превзема своите чекори. Знаете дека, ако не се избере специјален јавен обвинител, Заев којшто ги поседува доказите, заедно со опозицијата, ако нема кому, на независен истражен орган да ги предаде тие материјали, наша должност по Закон за антикорупција или по другите позитивни прописи е да ги споделиме со јавноста. Остануваме да го почитуваме Договорот, ако има специјален јавен обвинител, ќе ги предадеме материјалите, ако не јавно ќе продолжиме да ги обелоденуваме.“- истакна Заев.