Република Македонија и оваа година ќе биде дел од кампањата на Европската унија „Биди активен“ со која се промовираат спортот и здравиот начин на живот, чија цел е помасовно вклучување на младите во спортските активности.
„Особено сме задоволни што Македонија, единствена од земјите во регионот кои не се членки на ЕУ, ќе биде дел од промотивната активност за одбележување на Европската недела на спортот,“ рече заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, изразувајќи благодарност до Унијата за обезбедената поддршка.
Учесници во предвидените активности што ќе се одржат во понеделник и петок идната недела, ќе бидат учениците од основните и средните училишта, како и студентите. Во рамки на кампањата, задутре, на плоштадот Филип Втори, од 18 до 19:30 часот ќе се одржи првата активност која се совпаѓа со т.н. Отворен ден на спортот или Саем на спортови кој Агенцијата за млади и спорт го спроведува во континуитет неколку години, додека во петок арената Филип Втори е резервирана за Денот на училишниот и универзитетскиот спорт.
На Саемот на спортови повеќето национални спортски федерации ќе имаат прилика да се промовираат, да ги претстават своите дисциплини и клубови, а на Денот на училишниот и универзитетскиот спорт ќе се одржат ревијални фудбалски натпревари при што главни учесници ќе бидат училишните спортски клубови, односно најдобрите ученици во голем фудбал од основните и средните училишта, како и студентите. Парарелно, на градскиот стадион во Скопје ќе се промовираат и повеќе атлетски дисциплини. Влезот за сите настани ќе биде слободен.