Македонија дел од „Европската недела на спортот“

Оваа година Република Македонија ќе биде дел од семејството на 28 земји членки на Европската унија, вклучително и Исланд, Норвешка, Лихтенштајн и Турција, кои континуирано го промовираат спортот и физичката активност во Европа, преку една посебна и сé повеќе афирмирана глобална манифестација, а тоа е Европската недела на спортот во организација на Европската комисија.

Имено, Министерството за образование и наука покрена иницијатива и поднесе апликација до Европската комисија за добивање согласност за учество на нашата земја во одбележувањето на Европската недела на спортот. Позитивниот одговор на барањето, практично значеше обезбедување на соодветна материјална и логистичка поддршка за проект за организација на настани поврзани со промоцијата на спортот и спортската активност.

Учеството на Македонија во одбележувањето на оваа манифестација се состои од два поголеми настани кои ќе бидат организирани, односно реализирани од Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортските федерации на Македонија, со цел да се зголеми свесноста за важноста на спортот и физичката активност особено кај најмладите, заради нивниот правилен раст, правилно насочување и елиминирање на ризикот од користењето на пороците на денешницата.

Првиот настан е „Отворен спортски ден“, кој ќе се одржи на 7-ми Септември и кој се состои од презентирање на едно место (на централниот плоштад во Скопје), на сите видови спортови и спортски дисциплини кои постојат во Македонија, од страна на спортските федерации. Овој собир ќе допринесе за популаризацијата на сите спортови. На локацијата ќе има презентација на опремата која се користи во различните спортови, можностите за тренирање, клубовите кои нудат упис и слично.

Вториот настан е „Ден на универзитетскиот и училишен спорт“, кој ќе се одржи на 11-ти Септември, кога ќе се соберат најдобрите училишни и универзитетски клубови во фудбал и атлетика и ќе се организираат нивни меѓусебни натпревари, во присуство на ученици и родители. Целта на овој настан е да се зголеми свеста на младите, децата и на пошироката јавност за важноста на вклучувањето во рамките на активностите на училишните и универзитетски спортски клубови, како и промоција на резултатите постигнати во рамките на овие клубови.