Државниот секретар Бехиџудин Шехаби ја отвори манифестацијата „Традицијата продолжува 2015“

Државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби на 6 септември присуствуваше на манифестацијата „Традицијата продолжува 2015“, која се одржа во Спортско-рекреативниот центар во општина Студеничани. Манифестацијата беше организирана од Здружението за граѓани „АКСИ“, а со финансиска поддршка од Министерството за култура и општина Студеничани.

На манифестацијата, државниот секретар Шехаби истакна дека Министерството за култура поддржува вакви настани со кои се промовираат нематеријалните вредности кои имаат вековна традиција, како што е пеливанството, особено во руралните среднини. Тој нагласи дека станува збор за манифестации кои можат да прераснат во културно богатство.

„Министерството за култура, во соработка со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, веќе изготви елаборат за заштита на пеливанството и се очекува од Националниот совет за култура да го прогласи овој вид етноспорт – традиционалното борење – за културно наследство “– истакна Шехаби.

Манифестацијата „Традицијата продолжува“ ја следеа околу 5 000 граѓани, а меѓу присутните беа и заменик-претседателот за економски прашања во Владата на РМ, Владимир Пешевски; градоначалникот на општината АлтунБај од Бурса; претседателот на Албанската унија во Република Хрватска, Идрис Сулејмани, како и претставници на дипломатскиот кор, на политички субјекти, на државните институции и на невладиниот сектор. Освен традиционалното борење, имаше презентација на стари ора и песни изведени од КУД „Каршиака“ – Скопје. Во текот на програмата, присутните имаа можност да ги дегустираат и традиционалните јадења кои се карактеристични за ова поднебје, подготвени од страна на жителите на Студеничани.