Промовирана кампањата „Правилата да се уживаат, обврските да се почитуваат“

Човековите права не смееме да ги земаме здраво за готово. Тоа е како возење велосипед и несмеете никогаш да престанете да ги вртите педалите. Историјата не учи дека најголемите закани за прекршување на човековите права доаѓаат од институциите кои што ги имаат ресурсите за тоа како војската, полицијата и другите органи за спроведување на законот. Затоа е важно да се воспостават силни стандарди за владеењето на правото и ефективна демократска контрола за да не може тие да се издигнат над законот.

Ова го изјави евроамбасадорот Аиво Орав на промоцијата на кампањата „Правилата да се уживаат, обврските да се почитуваат“ чија цел е јакнење на капацитетите на органите за спроведување на Законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица. Тој нагласи дека полицијата е највидливата манифестација на државната моќ која што може да ги ограничи фундаменталните слободи и иако е под притисок да се спротивстави на организираниот криминал и новите форми на тероризмот, таа мора да постапува согласно националното и меѓународното право и во секое време и постојано да ги почитува човековите права.

„Се надевам дека овој проект ќе направи вистинска разлика во полициската практита и дека ќе го поплочи патот за идни системски реформи. Особено реформите се потребни во однос на понатамошна деполитизација на МВР, политика на интегритет и борба против злоупотребата, лошиот третман и прекумерната употреба на сила. ЕУ заедно со Судот за европски права се залага за зајакнување на надзорот на полицијата во вашата земја. Од една страна тоа значи зајакнување на системите за внатрешна контрола, за тој да биде непристрасен, транспарентетн и систематски да се спроведува, а од друга страна има потреба од создавање на навистина независен систем за надворешен надзор врз полицијата и да се обзбеди ефективен надзор на разузнавачките органи“, рече евроамбасадорот Орав.

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков истакна дека МВР посветува особено внимание во исполнувањето на меѓународните стандарди кои се однесуваат на почитување на човековите слободи и права и интензивно работи на надградување на своите капацитети за надминување на одредени состојби нотирани како недостатоци од полициското работење.

„Смо во првите шест месеци годинава Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди преземаше мерки за проверка на 831 случај на посочени пречекорувања на овластувања, злоупотреба на службена положба и овластувања на службени лица при што против 104 службени лица се поведени постапки за утврдување одгвоорност за кршење на работниот ред и дисциплина, а беа поднесени седум кривични пријави против 14 лица во МВР“, рече Чавков.

Тој нагласи дека со проектот за надградување на полициските капацитети во делот на почитување на човековите права, чиј дел е и денеска промовираната кампања, се овозможија голем број придобивки меѓу кои како најважни ги издвои измените на Правилникот за вршење на работите на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди и донесувањето на стандардни оперативни процедура за постапување по случаи на несоодветно однесување, употреба на физичка сила и други средства за присилба од страна на полицијата и за спроведување контрола во полициска станица во однос на постапување со лица на кои им е ограничено правото на слобода на движење. Воспоставена е, додаде, и мрежа на едукатори за човекови права, а реализурани се и обуки на голем број полициски службеници за човековите права, полициската етика и за европскките стандарди и националното законодавство во оваа област.

На промоција на кампањата за подигнување на јавната свест за заштита на човековите права во полициски постапки се обрати и Тања Ракушиќ – Хаџиќ раководител на одделението за кривично правна соработка при Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото при Советот на Европа. Таа посочи дека кампањата е последната активност од проектот за јакнење на капацитетите на органите за спроведување на Законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица, којшто се спроведува од мај 2013, а треба да заврши до ноември годинава, за чија реализација се одвоени 2,1 милиони евра пари најголем дел обезбедени преку ИПА инструментот на ЕУ.

За потребите на кампањата „Правилата да се уживаат, обврските да се почитуваат“, која стартува од денеска и ќе трае до крајот на месец октомври, подготвени се џебни брошури наменети за полициските службеници, како и флаери за граѓаните за едукација на нивните права и за почитување на обврските. Тие ќе им бидат делени од страна на припадници на МВР на терен и во полициските станици, а изработен е аудио и тв спот кој ќе се емитува на националната сервис.