Македонија со пораз од Словенија го заврши настапот на Евробаскетот 2015

Македонската кошаркарска репрезентација по пет одиграни средби во групата Ц, во кои оствари само еден триумф го заврши настапот на Евробаскетот 2015.Попладнево црвено жолтите загубија од Словенија со 62-51 (24-10, 7-14, 21-17, 10-10) се простија од ЕП.

Нашите кошаркари денеска одиграа многу подобро отколку на вчерашниот меч со Грузија, но сепак на крајот немаа сили за добар резултат.

Во редовите на црвено жолтите,кои денеска одиграа одлична одбрана и на кошаркарите на Словенија им дозволија да постигнат само 62 поени ,немаше расположен шутер, потфрли нашето најсилно оружје шутот од далечина.

По вчерашниот убедлив пораз од Грузија , денеска само победа не оставаше во игра за пласман на осминафиналето во Лил, но Словенија уште од самиот старт на средбата ги најави своите победнички амбиции.

Избраниците на Србиновски лошо го отворија мечот и многу брзо Словенија стигна до двоцифрена предност, имавме голем проблем со реализацијата и дури 4 минути бевме без постигнат кош. По десет минути игра Словенија имаше водство од 24-10.

Вториот период го започнавме со многу подобра игра во одбрана советите на Србиновски вродија со плод. Нашиот противник многу потешко отколку во првиот дел стигнуваше до кошот , а започна да функционира и нашиот напад, по што на полувремето заминавме со негатива од 31-24.

Капитенот Владо Илиевски беше нашиот мотор на стартот на третата делница со 8 поени за пет минути, Илиевски го намели водството на Словенија на 40-35 и најави резултатска неизвесност. Но потоа се будат и кошаркарите на Словенија и ја враќаат сигурната предност од десетина поени.

И покрај напорите на македонските кошаркари да стигнат до пресврт , нашиот противник рутински ја заврши работата и стигна до конечен триумф од 62-51, пораз кој им стави крај на нашите надежи за пласман во втората рунда на евросамитот.

Денеска наш најистакнат поединец беше капитенот Владо Илиевски со 15 поени, солиден натпревар одигра и центарот Предраг Самарџиски со 10 поени, прв стрелец на средбата инаку е бекот на Словенија , Зоран Драгиќ со 20 поени.

Нашиот национален тим настапот на Евробаскетот го завршува по крајот на натпреварите по групи, во загреб остваривме скор од една победа и четири порази.