Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата,Маја Иванова, од утре ќе престојува во дводневна официјална посета на Црна Гора.
Претседателот Иванов, во Цетиње ќе оствари билатерална средба со претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, а во Милочер со претседателот на Собранието на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ и со претседателот на Владата на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
Во рамки на официјалната посета на Црна Гора, претседателот Иванов, во среда, 16 септември, ќе учествува на Бизнис форум за презентација на инвестициските можности во Република Македонија и јакнење на економската соработка меѓу Република Македонија и Црна Гора.
Во делегацијата предводена од македонскиот претседател за време на официјалната посета на Црна Гора е и министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Бил Павлески.
Теми на разговор со официјалните претставници на Црна Гора ќе бидат продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, со фокус на економската соработка, заемната поддршка и разменување искуства во процесот на ЕУ и НАТО интеграциите, како и регионалната и мултилатералната соработка.