По повод почетокот на новата академска година, денеска во просториите на Универзитетот за аудиовизуелни уметности се одржа свечена церемонија на која беа доделени индексите на новозапишаните студенти, како и дипломи на завршените студенти на додипломските и постдипломските студии.
На церемонијата во присуство на многубројните гости, меѓу кои и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, ректорот Јордан Плевнеш му ја врачи на актерот Мето Јовановски титулата почесен доктор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности (ЕСРА) – Doctor Honoris Causa. Притоа Плевнеш рече: „некогашната и денешната трагедија се брануваат од играта на едниот, единствениот, неповторливиот, само нему сличниот, возвишениот Мето Јовановски, кој ги запиша Скопје и Македонија на европската и светската театарска сцена“.
Упатувајќи благодарност до Универзитетот што на овој начин е вброен заедно со плејадата имиња кои претходно се здобиле со највисокото универзитетско звање, како: Јиржи Менцел, Шарл Азнавур, Мики Манојловиќ, Александар Морфов, Абдулах и други, актерот Јовановски во својот говор го цитираше големиот театролог Станиславски: „Да се сака и почитува театарот во себе, а не себеси во театарот“.
На свеченоста беше промовирана и новата класа по актерска игра што ќе ја води токму Мето Јовановски, кој своето искуство и знаење ќе го пренесе на идните генерации македонски театарски и филмски актери.