Во Охрид ќе се одржи конференција „Современи безбедносни парадигми и предизвици: теорија и пракса“

Институтот за безбедност, одбрана и мир кој се наоѓа во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје во текот на оваа година ќе одбележи значаен настан кој се врзува со неговата работа 40 години од неговото постоење.

Станува збор за Институт кој во континуитет продуцира кадри во областа на одбраната, мирот и безбедноста почнувајќи од 1975 година. Со тоа, афирмацијата на одбраната, мирот и безбедноста на нашите простори е во најтесна врска со активностите на Институтот за безбедност, одбрана и мир.

Овој голем настан ќе се одржи на 18-ти и 19-ти септември во Охрид. Конференцијата е насловена како „Современи безбедносни парадигми и предизвици: теорија и пракса“.

Пријавени се повеќе од 120 апликации и над 30 активни учесници од странство – САД, Р.Ирска, Шведска, Шпанија, Италија, Словачка, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија, Австралија, Летонија, Руанда, Грција, Албанија, Полска, Црна Гора, Шри Ланка, Босна и Херцеговина итн.

Главната цел на оваа конференција е да ги собере на едно место научните работници и стручната јавност од Република Македонија и од странство заради размена на мислења и перспективи за најважните прашања поврзани со безбедноста на светот во XXI век.

Тргнувајќи од сложениот сплет на истражувачки интереси и комплексниот курикулум кој беше развиван низ децениите, речиси истовремено во сферата на безбедноста, одбраната и мировните студии, идејата е да се промовира интердисциплинарниот пристап и да се овозможи дијалог помеѓу дисциплините и различните школи на мислење.