Единицата за општ криминал -Одделение за имотни деликти со елементи на насилство – отсек за разбојништва до надлежното ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против П.С.(24) од Скопје поради основано сомнение дека извршил две кривични дела, „разбојништво“ предвидено и казниво по член 237 од КЗ на РМ и “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ предвидено и казниво по член 215 од КЗ , како и против И.П.(22) од Скопје поради основано сомнение дека извршил кривично дело ,,разбојништво “, за што од страна на судија во претходна постапка на двете лица им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.
Имено, кривичното дело разбојништво пријавените го извршиле на 03.04.2015 година во вечерните часови, на подрачје на Аеродром, на тој начин што заедно со уште 10-15 засега непознати лица дошле на булевар Јане Сандански, каде ги пресретнале оштетените и без никаква причина и предупредување започнале да ги удираат со тупаници, клоци и тврди предмети по телото и главата, по што откако оштетените паднале на земја, им ги одзеле мобилните телефони и со трчање се оддалечиле во непознат правец. Сторителите при извршувањето на кривичното дело на првиот оштетен му нанеле тешка телесна повреда , а додека на вториот оштетен му нанеле телесна повреда. Со извршување на кривичното дело истите се стекнале со противправна имотна корист од околу 32.000 денари.
На 17.09.2015 година во службените простории на ПСОН Гази Баба во присуство на ЈО извршено е класично препознавање на лица по методот на смотра, од страна на едниот оштетен со сигурност ги препозна пријавенитe како лица кои го извршиле кривичното дело разбојништво.
Врз основа на претходно издадена наредба за претрес извршен е претрес во домовите на двајцата пријавени, при што во домот на П.С. при претресот биле пронајдени 13 пакувања со непозната растителна материја, како и два мобилни телефони кои се одземени со потврди за привремено одземени предмети.
Одземените пакувања со непозната растителна материја од пријавениот се предадени за вештачење, со кое по извршените испитувања е заклучено дека растителниот материјал од сите пакувања, со вкупна нето маса од 645 грамa претставува марихуана – опојна дрога.