Владиниот проект за стипендирање на средношколци Роми има цел поддршка и мотивација на овие ученици и на нивните семејства. Досега околу 3.500 семејства ја искористиле оваа поволност, а во октовмри ќе биде распишан оглас за дополнително 670 стипендии, изјави премиерот Никола Груевски.
„Стипендирањето на средношколците Роми со проектот за условен трансфер оди со одлична динамика. Тоа е проект што ние го воведовме откако претходо го ветивме на изборите и наиде на голем одглас. Имено, стипендии добиваат оние категории лица коишто имаат деца средношколци и се приматели на социјална помош, а немаат други ученички стипендии. Практично, единствениот услов е ученикот редовно да оди на настава. Досега околу 3.500 семејства ги користат овие поволности и тоа е поттик и за родителите во колку претходно не ги пуштале децата во училиште или ценеле дека тоа не е многу важно да ги пуштаат затоа што ќе добиваат дополнителни средства, но истовремено тоа е и поткрепа на самите родители. Некои родители можеби сакаат да ги пуштаат децата на училиште, но поради финансиски и други проблеми со кои се соочувале не ги пуштале. Сега на овој начин им се помага финансиски и тие се охрабруваат тоа да го прават“, рече премиерот Груевски.
Според него, тоа е многу важно затоа што во минатото кај ромската популација имаше огромен процент деца кои не го завршуваа своето образование, а особено средното училиште.
„Ме радува што сега веќе масовен е бројот на деца што одат во средно образование, а се поголем е и бројот на млади Роми кои се запишуваат на факултетите. Тој број на Роми кои се запишуваат и завршуваат факултет од година во година расте со големи стапки. Мислам дека среднорочно и долгорочно гледано тоа е нешто што ќе ја извлече ромската популација од состојбата на сиромаштија. Образованието е број еден за излегување од состојба на сиромаштија за секого па и за Ромите“, рече премиерот Груевски.
Во тој контекст тој потсети дека пред две недели во Шуто Оризари беше пуштено во употреба средно училиште, прво воопшто изградено во општината, а беа промовирани и доградби на две осовни училишта од по два ката. За овие три проекти во општината во областа на образованието со кое се подобрени просторните услови, нагласи Груевски, инвестирани се три милиони евра.
„Ќе продолжи и поддршката во однос на стипендирањето“, истакна Груевски и најави дека наскоро ќе има оглас за нови 670 стипендии за условен паричен трансфер за семејства чии деца редовно посетуваат настава во средно образование, а притоа се во тешка материјална состојба.