Во рамки на спроведувањето на програмата Црвен крст во акција-Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ) младите волонтери на Црвен крст Охрид реализираа проект со кој овозможија детското одделение при Општата болница од Охрид да се збогати со мини детска библиотека. На тој начин се разубави и олесни престојот на дечињата и нивните мајки во детското одделение.
Полиците за детската библиотека беа обезбедени со средства собрани во хуманитарната акција на младинците на Црвен крст Охрид за гаѓање со воздушна пушка, која се организира во соработка со Стрелачкиот клуб Охрид. Проектот го помогнаа и хуманите охриѓани со донации на детски книгии, а голем придонес дадоа книжарниците „Просвета“, „Просветно дело“ и „Снежана“, при што се обезбедени преку 200 книги за деца. На секоја од книгите, младите волонтери испишаа позитивни пораки со кои им даваат поддршка на родителите и дечињата кои се лекуваат на детското одделение при Општата болница во Охрид.
Повикот на младите на Црвен крст Охрид до хуманите сограѓани, фирми и институции за донирање на детски книги наменети за детската библиотека во детското одделение при Општа болница Охрид е сеуште отворен и книгите можат да се донесат во просториите на Црвен крст Охрид.