Владата за изградба на локални патишта ширум Македонија годинава издвои 7,2 милиони евра, а досега за таа намена има инвестирано 57 милиони евра секаде каде што било приоритетно и најпотребно. Така ќе продолжиме и во иднина затоа што се значајни за граѓаните, за економијата и за се што е поврзано со локалните патувања, изјави премиерот Никола Груевски.
„По преземањето на власта многу интензивно почнавме со градба на локални патишта и не застанавме од 2006, иако во еден период не критикуваа дека многу обрнуваме внимание на локалните патишта, а малку на автопатиштата. Ние обрнавме поголемо внимание на автопатиштата, но го задржавме истото внимание на локалните патишта“, изјави премиерот Груевски.
Тој прецизира дека досега се инвестирани 57 милиони евра во изградба на локални патишта со кои се изградени 350 локални патишта во должина од околу 692 километри.
„Тоа е еден од покрупните проекти што се чувствува низ Македонија. Се обидуваме во секоја општина колку што е можно повеќе да се изградат локални патишта затоа што тоа се патиштата што луѓето ги користат секојдневно. Автопатот е многу важен и сите сакаме да имаме автопатишта, но освен што е многу поскап се користи поретко, додека локалните патишта од едно населено место во друго населено место, од село во село се нешто што луѓето го користат секој ден“, потенцира Груевски.
Додаде дека за разлика од минатото, кога многу малку се водеше грижа за локалните патишта актуелната власт е фокусирана токму на нив.
„Само за годинава предвидени се 46 локални патишта од кои 24 се веќе завршени, а на 20 во тек е градба, додека два треба сега да се градат и до крајот на годината да бидат завршени“, рече премиерот Груевски.