Груевски: Владата планира подобрување на концептот за екстерното тестирање

На денешната седница наменета за пратенички прашања, Премиерот Никола Груевски одговарајќи на пратеничко прашање истакна дека владата планира подобрува на екстерното тестирање со цел добивање на квалитет и остварување на целта.

Тој потенцира дека тестирањето беше подобрувано секоја година, а во разговори со МОН се планираат нови измени кои ќе ги зголемат стандардите од што корист ќе имаат и учениците и нивните наставници и професори.

Груевски ја образложи уште еднаш огромната потреба од екстерното тестирање со кое вели дека ќе се избрише ставањето на нереални оцени и ќе се избегне проблемот со кој се соочуваат неправилно оценетите ученици кога ќе излезат на пазарот на труд.

„Проблемот со давање на високи нереални оцени на учениците од наставници датира од време на транзицијата. Се загубија тогаш многу вредности и критериуми. Наместо да растат, ние се соочивме со пад на стандардите. Преку ноќ настанати моќници вршеа притисок и учителите пишуваа високи оцени да го тргнат притисокот. Тоа се рефлектираше врз други наставници, па се смени критериумот за сите. Имавме цели класови со сите 5ки и сите знаеа дека оцените не се реални, туку се сменети критериумите. Тоа не е добро ни за државата ни за децата. Без доволно знаење децата ќе имаат проблем во кариера. Знаењето е двигател на општеството. Учениците беа изложени на ситуација да стекнат лоши навики дека без труд и напор можат да дојдат до нешто што го посакуваат, а не го заслужуваат. Сето тоа траеше со години и никој не превземаше мерки тоа да се отстрани. Почна да се рефлектира и на повисоко образование. Штом дојдовме на власт почнавме со изнаоѓање на начини како да се помине низ ова. Родителите различно реагираа, некои не беа среќни што децата поминуваат на образование со ниски квалитети. Група родители одат на линија на помал отпор и сакаат нивното дете да е среќно на краток рок, без да размислуваат дека се добива диплома без знаење. Затоа е екстерното. Концептот се спроведе и низ овие неколку години тој ги даде своите резултати, но сепак се подобрува гледајќи ги слабостите. Имаме значајно подобрување, но се уште има можности за подобрување. Целта е да се поттикнат учениците повеќе да учат, а наставниците да даваат реални оцени. Ако се под притисок за ургенции, да кажат дека имаат екстерно тестирање и не може да се стави нереална оцена“, рече премиерот.

Груевски одговори дека има дискусии во насока на подобрување на тестирањето. Рече дека идеите ќе бидат пренесени во јавноста и ќе се дебатира за нив.

„Оваа година Владата на Република Македонија и МОН размислуваат за дополнителни подобрувања. Тие дискусии ќе се пренесат, па ќе има консултации. Ќе видиме што може да се спроведе. Размислуваме да се даде можност за полагање наместо еднаш во годината да биде 2 или 4 пати. Да има повеќе проблемски прашања за да се увериме дека ученикот ја разбрал суштината. Се дебатира доколку ученикот биде оценет со 1 дали да преполага или ако не е задоволен со оцена да преполага. Се размислува да се подобри формулата за пресметка на просек на ученик. Да се провери дали има прашања чиј одговор нема во некои учебници и да се изготват прашања од само еден од одобрените учебници. Да се ангажираат само надворешни лица за набљудувачи, а не наставниците заради зголемување на објективноста. Се дискутира и за комисиско разгледување. Ќе се донесе одлука како да се вратат повисоки стандарди“, образложи премиерот.