Агенцијата за млади и спорт денес имаше прием на старо-новиот европски шампион во автомобилизам Игор Стефановски.
Оваа сезона Иџе беше уште подоминантен. Победи на 10 од вкупно 12 трки, а на девет постави рекорд.Ова секако е негов личен, но и историски успех за Македонија.
„Ги оправдавме сите очекувања на моите фанови. Едноставно, македонското знаме е препознатливо на сите трки. Ја се надевам дека ќе продолжиме со ист ритам и дека, ако е можно, по овие две европски титули, да донесеме и една светска титула. Мислам дека тоа го заслужува македонскиот народ и дека ќе се радуваме и на тој момент“, изјави Стефановски.
Најдобриот македонски автомобилист има покана од ФИА да учествува на Европскиот шампионат во кружни натпревари, кој што е еден од најголемите натпревари од тој ранг и кој директно се пренесува на угледната спортска телевизија „Еуроспорт“. Сепак, за учество на едно вакво натпреварување потребни се поголеми средства.
Агенцијата за млади и спорт, како и секогаш, така и сега ги вреднува успесите на нашите спортисти. Со втората титула по ред Иџе ја потврди стипендијата од светска категорија.
„Неговиот успех е еден од најголемите во нашата спортска историја и тој успех е вреднуван од страна на државата и АМС. Со овој голем успех Игор Стефановски-Иџе ја потврди стипендијата од светска категорија и во следните четири години ќе добива паричен надомест во висина од две просечни плати. Истовремено по завршувањето на спортската кариера, односно по завршувањето на соодветните стипендии Иџе до крајот на својот живот ќе добива паричен надоместок во висина од една просечна плата“, изјави директорот на АМС Марјан Спасески.
Директорот на АМС изрази верување дека на овој начин Македонија достојно ќе се одолжи на нашиот спортски великан. Спасески верува дека државата, но и приватниот сектор ќе застане зад него во остварувањето на понатамошните планови.