Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела: „измама“, „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „посебни случаи на фалсификување исправа“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против М.В.(44) од Прилеп.
Со цел да прибави против-правна имотна корист, пријавената, на осми јули оваа година, во хотелот „Бисер“-Струга, на одговорниот менаџер му се претставила како претседател на Конфедерацијата на синдикалните организации на Република Македонија. Лажно претставувајќи се, М.В. со хотелот потпишала договор за користење услуги по што во периодот од 14-19 август годинава, во хотелот „Бисер“ престојувале 52 лица кои искористиле услуги во висина од 338.068,оо денари.
При потпишувањето на договорот, пријавената М.В. лажно претставувајќи се дека е претседател на Конфедерацијата на синдикалните организации на Република Македонија, на менаџерот на хотелот му приложила исправа со невистинита содржина, односно тековна состојба на Конфедерацијата од февруари оваа година. Иако никогаш не била претседател, во име на Конфедерацијата, пријавената склучила договор на кој ставила печат од Здружението за развој и унапредување на земјоделието. Со тоа, М.В. извршила измама на одговорните во хотелот за содржината на исправата што ја потпишале.
Откако менаџерот на хотелот ја увидел измамата, на 52-те лица што се сместиле во хотелот им го откажал престојот, за што според нивни кажувања, претходно и исплатиле пари на сега пријавената М.В.