По повод празникот Курбан Бајрам, премиерот Никола Груевски упати честитка до поглаварот на Исламската заедница во Република Македонија Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија.
„Почитуван претседателе на Исламската заедница во Република Македонија, господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,
Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија да Ви го честитам големиот муслимански верски празник КУРБАН БАЈРАМ.
На овој голем ден за сите припадници на исламската верска заедница би сакал да упатам искрена желба за среќни и благословени празнични денови минати во добро здравје со најблиските. Нека празникот донесе мир, спокој и бериќет.
Искрено верувам дека и понатаму ќе продолжиме заеднички да го зајакнуваме и надградуваме принципот на соживот, толеранција и пријателство кој е карактеристичен за нашето општество. Вербата во Бога и во неговата порака до луѓето да ја преточиме во дела кои ќе значат зајакнување на меѓучовечките односи и добрата волја кои се темелот на кој се гради иднината на една држава. Тоа е единствениот пат кој води до посилна Република Македонија во која секој граѓанин има еднакви услови за живот, среќа и реализација на сопствените амбиции. Вредности кои уверен сум дека ги споделуваме и на чие остварување и во иднина ќе продолжиме да работиме.
Уште еднаш срдечно Ве поздравувам и Ви посакувам многу радост, духовен мир и топлина во домовите во овие празнични денови.
Нека Ви е честит Курбан Бајрам!“- стои во честитката.