Археолошки истражувања на средновековна црква на локалитетот Цареви кули

Во рамките на програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура започнаа археолошките истражувања на средновековната црква, која е лоцирана во подножјето на локалитетот Цареви кули во Струмица. Покрај фактот што остатоците од црквата се евидентирани многу порано, сепак ова подрачје досега не било предмет на археолошки третман. Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица ги завршија активностите за расчистување на теренот и отстранувањето на површинскиот слој по што пристапија кон археолошки истражувања на остатоците од објектот кој датира од средновековието.

Реализацијата на овој проект е во насока на обезбедување на прецизни сознанија за хронологијата, архитектонските карактеристики и уметничкиот сликарски опус на црквата. Во рамките на овие истражувања околу објектот се очекуваат и пропратни археолошки единици, кои ќе помогнат во евидентирање и на други автентични остатоци од средновековиот период, како повеќеслојна некропола, нови архитектонски структури и слично. Овој проект е од особно значење во насока на оформување на целосен приказ на сите фази на егзистирање, кои ги опфаќаат периодите од праисторија до доцен среден век на микролокацијата Цареви кули во Струмица, но и негова презентација и промоција во научна, научно-популарна и туристичка смисла.

fotografija_namalena_3