Преку проектот “Македонија вработува“ во Босилово има отворено 70 нови работни места, а вкупно 38 од 180 фирми во општината го користеле проектот, што е задоволителна бројка и кажува дека и во руралните, помалите општини и од малите семејни фирми се користи проектот, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески при денешната посета на општина Босилово.
Во рамки на редовните средби со бизнис заедницата Ставрески денеска посети две фирми кои го користат проектот „Македонија вработува“, „Паралидови“ и „Мајстор компани“.
„Сакаме на терен да видиме како се реализираат владините мерки и да видиме какво е чувството кај стопанствениците од аспект на актуелната економска ситуација, нивните грижи и проблеми и да видиме што од тоа можеме да решиме“, истакна Ставрески.
Во фирмата “Паралидови“ досега се вработиле седум лица преку проектот „Македонија вработува“.
„Имам вработено седум луѓе од “Македонија вработува“. Мерките на Владата ќе помогнат да вработиме уште повеќе луѓе“, изјави Благој Паралидов, сопственик на фирмата.
Ставрески денес во рамки на посетата на Босилово го пушти во употреба и реновираниот Културен дом.
„Зградата која се реновира ќе обезбеди побогат, културен и социјален живот за граѓаните на општина Босилово, на децата од ОУ “Гоце Делчев“ и истоименото културно друштво кои ја користат салата“, вели Ставрески.
Реконструкцијата е финансирана со грант средства преку проектот за подобрување на општински услуги МСИП, во вкупен износ од седум милиони денари, од кои исто така е финансирана изградба на улици во две населени места во Босилово – Радово и Дрвош кои вицепремиерот, исто така ќе ги посети денеска.
Ставрески истакна дека од страна на Владата во Босилово досега се вложени преку два милиони евра. Лани е направен водовод во Моноспитово, а сега е во фаза на поставување приклучоци, изграден е патот Радово – Старо Балдовци-Петралинци со два моста, изградена е спортска сала во Иловица, повеќенаменско игралиште во Петралинци, фудбалски терен во Секирник, реконструирани се градинката и училиштето во Моноспитово и Петралинци.
„Сето тоа се важни проекти кои ги направивме во соработка со локалната власт за подобрување на животот во општината. Во моментов се гради и патот Радово и Босилово на кој се прави и мост и ќе заврши следната година“, изјави Ставрески.
Градоначалникот на општина Босилово, Љупчо Колев, истакна дека неговата општина е првата која успеала да ги користи програмите за рурален развој.
„Инфраструктурата е основа за одржлив економски развој. Кога ќе ги поврземе сите населени места нештата ќе станат многу подобри, трошоците ќе се намалат. Ние настојуваме тоа да го постигнеме“, изјави градоначалникот.