Со натпреварот помеѓу КК Работнички и КК Кожув, утре, во 17:30 часот стартува „ХУАВЕЈ“ Супер купот во кошарка. Истиот ден со почеток во 20:15 часот ќе се одигра и другиот полуфинален натпревар помеѓу екипите на КК МЗТ Скопје Аеродром и КК Куманово 2009.
Финалето од Супер купот е закажано за недела со почеток во 19:30 часот. По завршувањето на натпреварот предвидено е свечено доделување на пехарот за победникот, како и наградите за најкорисниот играч и за најдобриот стрелец, а исто така ќе има и нагреди за публиката. Сите натпревари од купот ќе се одиграат во сала „Билјанини извори“.
Билети за натпреварите ќе можат да се набават од утре на билетарата од спортската арена „Билјанини извори“. ЈП „Билјанини извори“ за љубителите на спортот и кошарката, овозможи блок билети за двата полуфинални натпревари. Цената за блок билетите ќе изнесува 100 денари, а иста цена од 100 денари ќе има и билетот за финалниот натпревар. Ваква завршница на Супер купот за прв пат ќе се игра во историјата на македонската кошарка.
На вчерашната прес конференција организирана од страна на Кошаркарската федерација на Македонија, директорот на ЈП „Билјанини извори“, Ристе Мишев истакна дека ова претставува продолжение на низата од големи спортски настани од државен, регионален и европски ранг, на кои Охрид е домаќин изминативе две години.
Општина Охрид и ЈП „Билјанини извори“ ги поканува сите љубители на спортот и кошарката да бидат дел од овај голем спортски настан.