Со повеќе активности Свр Охрид ќе ја реализира кампањата „Биди трезен стигни жив“

Со повеќе активности, Секторот за внатрешни работи Охрид вечерва ќе ја реализира превентивната кампања „Биди трезен стигни жив“. Кампањата, по претходна согласност од сопствениците ќе биде спроведена во угостителските објекти „Аквариус“ и „Ликвид“, каде полициски службеници ќе поделат сообраќајно едукативен материјал и ќе извршат доброволно алкотестирање на дел од гостите. Во зависност од добиените резултати, ќе се додели црвен или зелен картон, а кај лицата кај кои ќе се констатира поголемо количество алкохол ќе им биде укажано да користат такси превоз. Тие ќе добијат ваучери за бесплатен такси превоз.

Со овие активности, СВР Охрид ја продолжува кампањата што неодамна ја реализира Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на град Охрид, кога на кеј „Македонија“ во близина на охридското пристаниште, беше поставен сообраќаен пункт составен од полициски службеник и волонтер на Црвениот крст. Тука се вршеше доброволно алкотестирање на возачите на моторни возила а низ охридската чаршија и кафе баровите на граѓаните им се делеше пригоден едукативен материјал.

Инаку, според евиденциите на СВР Охрид, во првите осум месеци од оваа година, во Охрид случени се 216 сообраќајни незгоди што претставува намалување во однос на 220 незгоди случени во истиот период лани. Во осуммесечниот период годинава имало 2 сообраќајни незгоди со жртви, а во истиот период лани се случиле три незгоди со трагичен епилог.

Целта на кампањата „Вози трезен-стигни жив“ е унапредување на сообраќајната превенција, подигнување на степенот на сообраќајната култура кај возачите на моторни и други возила и подигнување на свеста за штетните и кобни последици од возењето под дејство на алкохол.