Со финансиска поддршка од Министерството за култура, а како дел од Програмата за заштита на културното наследство започнаа систематските археолошки истражувања на доцноримското термално лекувалиште во селото Банско, Струмичко.
Во рамките на превземените активности стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј –Струмица претходно извршија расчистување на теренот како подготовка за археолошките истражување на лекувалиштето кое датира од 3 и 4 век. Во согласност со планираните активности во тек се истражувањата на југоисточниот дел од малата бања, каде што со последната истражувачка кампања е откриен дел од ѕид за кој се претпоставува дека е дел од нова просторија која била во функција на бањата.
Со овие истражувања на новата просторија, археолозите очекуваат да се потврди дека малата бања ги поместува досегашните граници на првичното датирање на лекувалиштето, односно дека тоа започнало да екзистира многу порано кон крајот на првиот односно на почетокот на вториот век.
Реализацијата на овој проект е во насока на обезбедување на прецизни сознанија за првобитната намена на лекувалиштето.