ФЗОМ отвора кол центар за директна комуникација со осигуреницитие кои имаат хронични болести

Фондот од 1 октомври започнува со директна комуникација со осигуреници кои се хронично болни од кардиолошки, бубрежни заболувања и дијабетес. Комуникацијата ќе се одвива преку кол центар во фондот со телефонски јавувања, смс пораки и е-пошта.

Проектот на Владата на Република Македонија, „Фондот се грижи за хроничните болни“ кој предвидува вклучување на вработените од фондот во грижата на хронично болните, одлучивме да го започнеме порано од предвиденото, бидејќи се исполнија дел од потребните предуслови. Еден од нив беше изработката на нов софтвер во Фондот за превентивните мерки и активности кај избраните лекари, а со истиот се овозможи евидентирање на осигурениците со хронични болести. Избраните лекари во информатичкиот систем на фондот внесоа 154.531 осигуреник со дијабетес, кардиолошки и бубрежни заболувања.

За почеток предвидовме 10 тима на вработени од Фондот активно да се вклучат во грижата за осигуреници со хронични заболувања на тој начин што ќе ги потсетуваат овие лица за сите потребни прегледи кои треба да се извршат во текот на годината на примарно и секундарно ниво. Овој проект ќе се спроведува континуирано. Тимовите се составени од вработени од поголемите подрачни служби како што се Скопје, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Велес и Куманово. Тие ќе се јавуваат на осигурениците со овие болести за да ги потсетат кои прегледи треба редовно да ги прават, да ги информираат за комплексноста на болеста со цел да се стопира можната прогресија на болеста. Фондот на овој начин сака да ја подигне свеста на граѓаните за грижата за нивното здравје и можните компликации доколку не ги следат советите на лекарите и не ги прават потребните редовни прегледи.

Комуникацијата со нашите осигуреници ќе се одвива преку телефонски јавувања, смс пораки и е-пошта. Истовремено, ја земаме предвид и возраста на осигурениците кои ќе ги контактираме и затоа со повозрасната група осигуреници комуникацијата ќе се одвива телефонски, а со помладите осигуреници комуникацијата ќе се одвива и преку е-пошта и смс.

Стопирањето на прогресијата на болеста, избегнувањето на компликациите од овие болести е најважна работа за овие пациенти. Иако знаеме дека компликациите од овие болести го чинат здравствениот систем огромни средства, поентата на проектот, не е во тоа фондот да заштеди, туку овие лица иако болни, со правилно лекување и придржување на советите на лекарите да имаат квалитетен и нормален живот и да дочекаат длабока старост. Нашата намера ќе биде со константно јавување и потсетување, да ги убедиме овие лица, редовно да примаат терапија, да прават редовни контроли, едноставно да прифатат дека болеста иако во моментот не им предизвикува тежина во секојдневието, доколку не се грижат за своето здравје, редовно не вршат контроли и не се дисциплинирани во примањето на терапија, во иднина може да имаат сериозни последици како што се срцеви и мозочни удари, дијализа.

Проектот фондот се грижи за хронично болните е поттикнат од секојдневието, од контактите со здруженијата на пациенти, од директна комуникација со лекарите и граѓаните. Затоа сакаме да ја подигнеме свеста и со едукација и позитивни примери, барем малку да влијаеме да овие лица можат да доживеат длабока старост. Овие лица покрај главната терапија потребно е да се придржуваат на неколку основни постулати: здрава исхрана, редовна физичка активност, здрави навики, почитување на препораките на докторите.

Дека тоа дека се може, доказ се 448 осигуреници над 91 година старост кои се хронични пациенти со дијабетес, кардиолошки и бубрежни болести.

Податоците покажуваат дека 154.531 осигуреници кои се 9,4 проценти од популацијата која избрала матичен лекар имаат едно од овие три хронични заболувања, додека од нив 24.461 истовремено имаат 2 или 3 заболувања, а тоа се 15 проценти од сите хронично болни. Ова се должи на меѓусебната поврзаност на болестите и компликациите од истите. Како пример е дијабетесот чии компликации предизвикуваат нефролошки и кардиолошки заболувања. Најбројни се хронично кардиоваскуларните заболувања со заболени 96305 лица, потоа следат лицата со дијабетес кои се 77885 на број и 4802 лица со нефролошки заболувања.