Запленети девизи, текстил, храна и пијалоци, техничка стока, лекови, катализатори и фалсификати

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани вредносни чекови, девизи, текстилен материјал, маслиново масло, мед, домашна ракија и вино, дрон, фотоапарат, телевизор, лекови, катализатори за товарни возила и фалсификати. Задржана е следната стока:

Девизи
– 39.500 евра откриени на граничниот премин Табановце автопат. При контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, во мала рачна ташна сместена зад возачкото седиште, пронајдена е хартиена кеса со 49.500 евра. Согласно законските прописи на патникот му се вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да ги изнесе од државата, а 39.500 евра се привремено задржани. Против прекршителот е започната прекршочна постапка.

Текстил
– 2.206 кг ткаенина (80 ролни), откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. При контрола на приложените документи, царинските службеници констатирале неусогласеност на бруто тежината на возилото со тежината на стоката и тежината на празното возило, поради што е извршена детална контрола на товарот. Притоа, пронајдени се 80 ролни со текстилен материјал, што не биле опфатени со царинските документи.
Непријавениот текстилен материјал е привремено задржан а против прекршителот е поведена соодветна постапка.

– 62 кг чоја (157,5 м2), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на кувајтски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул.
Непријавената стока е привремено задржана, а против прекршителот е поведена прекршочна постапка.

Храна и пијалоци
– 144 литри маслиново масло, 44 кг мед, 50 литри домашна ракија и 38 литри вино, откриени во два одвоени случаи, при контрола на два патнички автомобили, управувани од грчки државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при контрола на австриски автомобил, зад предните седишта и во багажниот простор, покриени со лични предмети на патниците, пронајдени се 144 литри маслиново масло и 44 кг мед.

Во вториот случај, при контрола на германски автомобил, во багажниот простор и зад предните седишта, покриени со ќебе, пронајдени се 50 литри домашна ракијаи 38 литри домашно црвено вино.
Во двата случаи производите се привремено задржани, а против прекршителите ќе бидат поведени соодветни постапки.

Техничка стока
– 1 сет беспилотно летало-дрон Phantom 2 Vision+ и 1 сет професионален фотоапарат Canon, откриени при контрола на германски автомобил, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, сопственост на германски државјанин-патник во автомобилот, се пронајдени во багажниот простор, помеѓу патните торби на патниците. Стоката е привремено задржана, а против прекршителот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 1 телевизор марка PHILIPS модел 55PFS6909/12, откриен при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот телевизор е пронајден зад возачкото седиште, завиткан во ќебе, ставен врз патните торби на возачот.
Телевизорот е привремено задржан, а против прекршителот е поведена прекршочна постапка.

Лекови
– 442 таблети различни лекови за човечка употреба (COAPROVEL, LASIX, XANAX, DAFLON, PLAVIX, DEPON и др.), откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Лековите се пронајдени во пластична кеса, сместена во багажниот простор на возилото, под повеќе кеси и торби со лични работи на возачот. Стоката е привремено задржана, а против лицето ќе биде поведена соодветна постапка.

Делови за возила
– 50 универзални катализатори за товарни возила, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Возачот пријавил дека носи 3 издувни лонци за товарни возила, но во багажниот простор на возилото се пронајдени и непријавените катализатори. Катализаторите се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост
– 160 DVDиBlue-rayплеери и 17 готови текстилни производи со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при контрола на турски камион, пријавен за влез во државата, откриени се 100 DVD плеери и60 Blue-rayплеери со ознаки на заштитени трговски марки. Возилото било натоварено со стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Косово.

Во вториот случај, при контрола на македонски автобус, пријавен за влез во државата, во патните торби на српски државјанин, патник во автобусот, пронајдени се 5 комплети машки тренерки и 12 пара машки чорапи со ознаки на заштитени трговски марки.

– 839 парчиња облека (комплети тренерки, долни тренерки, чорапи и бебешка облека) и 40 пара спортски обувки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во 5 одвоени случаи, од страна на мобилните царински тимови, при контроли на 5 македонски автомобили, извршени на патниот правец Неготино-Велес.
– 976 пластични амблем-стикери за автомобили, со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Аеродром Скопје, при контрола на брза пратка од испраќач од Тајланд, наменета за фирма увозник од Скопје.

– 1 рачен часовник со ознака на заштитена трговска марка, откриен на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на пратка од Сингапур, наменета за физичко лице од Скопје.

Во сите случаи, поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и е започната постапка за утврдување на нивната оригиналност.